Народната банка се залага за финансиска вклученост на лицата со попреченост: Подготвени се Насоки за банките и Брошура за лицата со оштетен вид
Народната банка ги зајакнува активностите за подобрување на животот на лицата со попреченост преку олеснување на пристапот до финансиски услуги. За таа цел централната банка изработи Насоки за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор, коишто опфаќаат поголемо олеснување на физичкиот пристап до локациите и инсталирање дигитални платформи, вклученост при осмислувањето на банкарските производи, како и подобра информираност на овие корисници на банкарски услуги. Народната банка изработи и испечати и Брошура наменета за лицата со оштетен вид, којашто би придонесла за нивна поголема финансиска едукација и подобро информирање за нивните права.