МБА и УЈП со заеднички активности за унапредување на дигиталните процеси – Одржана работилница за воведување на системот е-Фактура
Во рамки на континуираната соработка со институциите и активностите насочени кон поддршка на дигиталната трансформација на банкарскиот сектор, Македонската банкарска асоцијација (МБА), во соработка со Управата за јавни приходи (УЈП), организираше работилница посветена на проектот е-Фактура, на која учествуваа околу 50 претставници од Комисијата за сметководство, даноци и МСФИ, во хибриден формат – со физичко присуство во просториите на МБА и виртуелно.
Целта на работилницата беше навремено информирање на членките на МБА за новините, функционалностите и можностите што ги нуди системот е-Фактура, како и практично запознавање со неговото користење и процесот на креирање електронска фактура.
Во текот на работилницата, претставниците на УЈП го презентираа системот, неговите клучни функционалности и начинот на примена, при што учесниците имаа можност директно да се запознаат со практичните аспекти на неговото користење и да постават прашања во врска со процесите и функционалностите.

За Македонската банкарска асоцијација, активното учество на банкарскиот сектор во процесите на дигитализација е од особено значење. Банките имаат клучна улога во развојот и примената на современите дигитални решенија, особено во областа на електронските и безготовинските плаќања. Оттука, навременото информирање и подготовка за новите дигитални процеси претставуваат важен предуслов за нивна ефикасна и непречена примена во практиката.

Работилницата претставува уште еден пример за успешна институционална соработка и заедничко дејствување во насока на модернизација и дигитализација на деловните процеси. Преку ваквите активности, МБА продолжува да ја поддржува комуникацијата и размената на информации меѓу банкарскиот сектор и релевантните институции, со цел навремено усогласување со новите регулаторни и технолошки решенија.
Македонската банкарска асоцијација изразува благодарност до Управата за јавни приходи за соработката и за споделените информации, како и до претставниците на членките за нивниот интерес и активно учество на работилницата.





