МБА го одбележа Светскиот ден на штедењето со доделување признанија за најдобрите банкарски службеници за 2026 година

Македонската банкарска асоцијација (МБА), во соработка со Фондот за осигурување на депозити, и оваа година го одбележа 31 октомври – Светскиот ден на штедењето, организирајќи свечен настан посветен на промовирањето на штедните навики и вреднувањето на професионалниот придонес на вработените во банкарскиот сектор.

Штедењето има значајна улога во обезбедувањето на финансиската сигурност на граѓаните, поттикнувањето на одговорното финансиско однесување и создавањето стабилна економска основа. Истовремено, довербата во банкарските институции и сигурноста на депозитите се важни предуслови за одржување на стабилен и отпорен финансиски систем.

Во рамките на настанот, свое обраќање имаа претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова Штериева, гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија, д-р Трајко Славески, и директорот на Фондот за осигурување на депозити, г. Бехар Емини. Во своите обраќања, тие се осврнаа на значењето на штедењето, довербата на граѓаните во банкарскиот систем и придонесот на институциите во обезбедувањето финансиска стабилност и заштита на штедачите.

Посебен акцент на свеченоста беше ставен на доделувањето на традиционалните признанија за најдобрите банкарски службеници за 2026 година. Признанија добија вработени номинирани од сите 17 банки членки на МБА, како потврда за нивната стручност, посветеност и професионален однос во извршувањето на работните задачи.

Преку оваа иницијатива, Македонската банкарска асоцијација оддава признание на вработените кои со својата работа и ангажман придонесуваат за унапредување на банкарските услуги, градењето квалитетни односи со клиентите и јакнењето на угледот на банкарскиот сектор.

Со заедничкото одбележување на Светскиот ден на штедењето, МБА и Фондот за осигурување на депозити ја продолжуваат својата заложба за подигнување на финансиската свест, поттикнување на културата на штедење и афирмирање на вредностите и професионалните достигнувања во банкарската заедница.

niksa

About niksa