Банкарска тркалезна маса во организација на МБА, McKinsey & Company и Finalta

Денес, 9 ноември 2026 година, во хотел Мериот, Скопје се одржа банкарската тркалезна маса организирана од Македонска банкарска асоцијација, McKinsey & Company и Finalta, на која учествуваа претставници од банкарскиот сектор како и претставници од повеќе институции и организации од финансискиот, јавниот и приватниот сектор.

На настанот беа презентирани глобални и регионални перспективи за развој на банкарската индустрија, како и разгледани актуелните трендови, предизвици и можности што го обликуваат банкарскиот сектор во нашата држава и поширокиот регион на Централна и Источна Европа.

Во рамки на тркалезната маса беа обработени неколку актуелни теми од особено значење за банкарскиот сектор:

  1. Преку презентацијата „State and outlook of the banking industry“ беа разгледани клучните случувања и перспективи на глобално ниво и во регионот на ЦИЕ, врз основа на наодите од најновиот McKinsey Global Banking Annual Review 2026.
  2. Посебно внимание беше посветено на темата „AI in banking – from potential to action“, во чии рамки беа презентирани практични примери за примената на вештачката интелигенција во банкарското работење, вклучително и демонстрација во живо, со осврт на можностите за нејзино користење и интегрирање во банкарските процеси.
  3. На крај, преку презентацијата „CEE Retail Banking Benchmark“ беа споделени најнови согледувања за перформансите на банките во регионот, промените во однесувањето на клиентите и новите приоритети во сегментот на банкарството на мало.

Посебна вредност на тркалезната маса беше активната вклученост на присутните во текот на целиот настан. Секоја од презентациите беше проследена со отворена и интерактивна дискусија, при што учесниците имаа можност да поставуваат прашања, да споделуваат мислења и искуства и да разменуваат перспективи за презентираните теми. На овој начин, настанот овозможи континуирана и продуктивна размена меѓу предавачите и претставниците на банкарскиот сектор, придонесувајќи за подлабоко разгледување на актуелните предизвици и можности во индустријата.

Преку оваа иницијатива, Македонската банкарска асоцијација продолжува да ја поттикнува соработката со релевантни меѓународни институции и експерти, овозможувајќи пристап до глобални знаења, најдобри практики и современи согледувања кои придонесуваат за развојот и унапредувањето на домашниот банкарски сектор.

niksa

About niksa