ЗА НАС

Здружението за остварување на заеднички интереси на банките и унапредување на нивното работење – МАКЕДОНСКА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА – Скопје, регистрирано e во Централниот регистар на 30.4.2018 година, а нејзини основачи се сите банки и штедилници во државата, кои работат согласно одредбите од Законот за банки и поединечните акти донесени од гувернерот на Народната банка.

На седницата одржана на 05.07.2018 година, Собранието на Македонската банкарска асоцијација донесе одлука за прием на Клириншка куќа Клириншки интербанкарски системи АД Скопје и Македонско кредитно биро АД Скопје како рамноправни членки на Македонска банкарска асоцијација.

Cо стекнување на статус на самостојно правно лице Македонската банкарска асоцијација во континуитет го продолжува работењето на Здружението на банкарството, коешто како стручен облик на организирање и работење дејствуваше во рамките на Стопанската комора.

Македонската банкарска асоцијација – Скопје се основа заради остварување на следните цели:

  • унапредување на дејностите кои го сочинуваат предметот на работењето на членовите на Македонската банкарска асоцијација, овозможувајќи им да ги подобрат нивните резултати;
  • ефикасно остварување на интересите на членовите на Македонска банкарска асоцијација, унапредување на нивното работење, развој на регулаторната рамка за вршење на дејностите на членовите, делување според принципите на взаемност, професионалност, општествена одговорност и развивање високи етички стандарди на струката;
  • заштита на заедничките интереси на членовите, подобрување и зголемување на продуктивноста на нивното делување, како и обезбедување еднакви пазарни услови во однос на другите дејности, со почитување на начелата на самостојност, независност во работењето и слободно пазарно работење без ограничување на конкуренцијата во банкарството.

Како единствено правно лице и облик на здружување преку кое банките и штедилниците дејствуваат заради остварување развој и унапредување на нивното работење, Македонската банкарска асоцијација е асоцијативна членка на Европската банкарска федерација со седиште во Брисел.