„Mastering Credit Risk Modeling: From Theory to Implementation and Compliance“ – дводневен семинар во организација на МБА
Одделението за едукација при Македонска банкарска асоцијација на 17 и 18 ноември 2026 година организираше дводневен семинар на тема „Mastering Credit Risk Modeling: From Theory to Implementation and Compliance“. Настанот беше реализиран во соработка со компанијата Op2M d.o.o. од Загреб, Хрватска, и со финансиска поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (EFSE).
Програмата беше посветена на практичните аспекти на развојот, имплементацијата, валидирањето и управувањето со моделите за кредитен ризик, опфаќајќи го целиот процес – од подготовка и анализа на податоци, развој на модели за кредитно оценување и рејтинг, до процена на веројатноста за неисполнување на обврските (PD), загубата во случај на неисполнување на обврските (LGD) и очекувана кредитна загуба (ECL).
Обуката ја водеше Стјепан Аниќ, искусен банкарски професионалец и регионален експерт во областа на моделирањето на кредитниот ризик, управувањето со ризици и регулаторната усогласеност, со долгогодишно меѓународно искуство во финансискиот сектор.

Преку практични примери, интерактивна работа и дискусија за реални предизвици од банкарската практика, учесниците имаа можност да ги поврзат теоретските и методолошките основи со нивната практична примена во процесите на управување со кредитниот ризик.
Обработените теми придонесоа за унапредување на стручните знаења и практичните капацитети на професионалците во банкарскиот сектор, особено во поглед на развојот на поефективни, стабилни и соодветно валидирани модели, како и зајакнувањето на моделското управување и регулаторната усогласеност.







