Банките, штедилниците, менувачниците и правните субјекти коишто даваат услуга брз трансфер на пари продолжуваат да работат

Почитувани граѓани,

Ве известуваме дека и по прогласувањето на вонредна состојба, финансиските институции за коишто Народната банка е надлежен регулаторен и супервизорски орган (банки, штедилници, менувачници и правни субјекти коишто даваат услуга брз трансфер на пари) продолжуваат да работат и да ги извршуваат своите клучни функции, со што нивните услуги и натаму ќе ви бидат достапни.

Како што веќе известивме, ние сме во постојан контакт со овие финансиски институции и тие се подготвени да ви ги овозможат нивните услуги и во вонредни околности.

 


18/03/2020

Советот на Народната банка донесе неколку одлуки за поддршка на економија

Советот на Народната банка одржа вонредна седница на која во согласност со своите надлежности донесе неколку одлуки, коишто се во насока на ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата, предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција.

Поконкретно, Советот ги донесе следните одлуки:

– Одлука за изменување на Одлуката за задолжителната резерва

Со оваа измена, Народната банка повторно ја става во функција нестандардната мерка кај задолжителната резерва, со која се овозможува намалување на основата за обврската на задолжителната резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените и реструктуираните кредити одобрени на претпријатија во дејности коишто согласно со информациите од Владата на Република Северна Македонија ќе бидат најпогодени од ширењето на ковид-19. Се очекува мерката да има поттикнувачко дејство за непречена кредитна поддршка по поволни услови од страна на банките за најпогодените сектори.

– Одлука за изменување на Одлуката за методологијата за управување со ризиците

Со оваа одлука се одложува рокот во кој банките треба да го достават првиот Извештај за процесот на утврдување интерна ликвидност, со што, наместо до 31 мај, оваа обврска ќе треба да се исполни до 30 септември 2020 година. Со ова регулаторно олеснување, на банките и на нивните тимови им се остава простор за поголема фокусираност на обезбедувањето кредитна поддршка на корпоративниот сектор и на населението, како и на одржување на квалитетот на кредитното портфолио.

– Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за единствената тарифа на надоместоците за услугите што ги врши Народната банка

Донесена е одлука со којашто се укинуваат провизиите коишто досега се наплатуваа за подигање и враќање на готовината во централниот трезор на Народната банка. Со ова се елиминираат сите трошоци за подигнување и враќање на ефективни пари. Ваквите промени се во насока на поддршка на процесот на управувањето со готовината, на начин којшто ги минимизира евентуалните ризици од пренесување на заразата преку овој канал.

Претходно, во понеделникот, на седницата на Комитетот за оперативна монетарната политика на Народната банка беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка на нивото од 1,75%, што треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките.

Народната банка ќе продолжи со голема внимателност да го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, и нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветно приспособување на политиките и адекватна и навремена реакција.

 


17/03/2020

Заради заштита на здравјето да се намали употребата на денарската и девизната готовина

Дополнителни препораки од Народната банка

Почитувани граѓани,

Како дел од мерките и апелите за зголемување на свесноста и одговорноста што сите ние ја имаме во заштитата на здравјето, а во услови на ширење на вирусната инфекција ковид-19, укажуваме и ве информираме за следново:

Со оглед на тоа што готовината се смета за еден од честите канали за пренос на инфекцијата, а заради превенција од евентуално пренесување на заразата, повторно апелираме да се намали употребата на готовина, а да се зголеми употребата на платежните картички и останатите алтернативни, електронски начини на извршување на трансакциите. На таков начин ќе го заштитите сопственото здравје, како и здравјето на сите околу вас.

Воедно, им препорачуваме на банките да ги разгледаат можностите за намалување на провизиите поврзани со безготовински трансакции.

За намалување на ризиците од употребата на денарската готовина, воведовме зајакнати протоколи за постапување, коишто се однесуваат на редовно повлекување на банкнотите и монетите што се во циркулација и нивно чување во карантин пред повторното пуштање во промет, а воедно ги укинавме и провизиите коишто ги наплатуваме од банките за полагање и подигање денарска ефектива. Ваквата процедура ќе се почитува и од страна на банките со кои остваруваме активна комуникација со цел заеднички да обезбедиме сведување на ризиците од контаминација и пренесување на заразата преку готовината којашто е во оптек на најниско ниво.

Притоа, би сакале особено да посочиме на претпазливост при користењето на странската готовина (девизи) којашто е внесена од друга држава и носи висок ризик од пренесување на заразата. Препорачуваме неа да ја размените во овластените банки и менувачници, по што ќе се применат посебни мерки за постапување и со оваа готовина, за да се намали можноста за пренесување зарази преку овој канал.

Апелираме до сите граѓани да ги следат и да се придржуваат кон препораките од надлежните органи за да се справиме со настанатата состојба што побрзо и поефикасно. Како што е потврдено во многу случаи досега, превенцијата и соодветното следење на препораките се од клучно значење во справувањето со ваквите непогоди.

niksa

About niksa