Благодарница од градоначалникот на Општина Кочани за Фондацијата „Заедно за едно“ и за Македонската банкарска асоцијација

Претставници на Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, на 2 јуни 2026 година остварија работна средба со градоначалникот на Општина Кочани, д-р Владко Грозданов, во врска со текот на активностите за поддршка, лекување и закрепнување на повредените од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

На средбата се разменија најнови информации за состојбата на најтешко повредените, тековниот процес на лекување на сите повредени во земјата и во странство, како и следните ангажмани кои ќе бидат преземени за да се обезбедат сите услови за соодветно лекување и рехабилитација.

Фондацијата „Заедно за едно“ ја повтори својата подготвеност и одлучност да овозможи конкретна и значајна помош за повредените и нивните семејства, а ја истакна и потребата од тековно координирање со цел средствата да се насочуваат таму каде што е најпотребно – брзо, ефикасно и со максимален ефект во поддршка на лекувањето.

Градоначалникот на Општина Кочани изрази голема благодарност за досегашниот ангажман и реализираните донации од страна на Фондацијата и Македонската банкарска асоцијација и ја поздрави посветеноста и натаму да помогнат за што побрзо опоравување на повредените. Истакна дека преку редовна комуникација со семејствата на повредените се врши тековно следење на потребите за третирање на повредите и дека се врши блиска координација со лекарските тимови и сите засегнати институции.

Во знак на признание, градоначалникот Грозданов предаде благодарница на Фондацијата и на Македонската банкарска асоцијација, со која симболично ја пренесе благодарноста на заедницата во Кочани за сите досегашни и идни ангажмани за помош.

Фондацијата „Заедно за едно“ останува целосно посветена на оваа задача со следење на состојбите и на потребите со цел и натаму да обезбедува навремена и суштинска поддршка за лекување на повредените.

niksa

About niksa