niksa
„Почитувани,
Во изминатиов период, забележана е појава на испраќање електронски пораки до е-адреси на лица од Република Македонија со лажно претставување (англ. email spoofing). Поконкретно, лажното претставување во пораките е во име на некоја институција или организација или, пак, во име на поединец, а со нив испраќачите имаат за цел, повикувајќи се на злоупотребениот/лажниот идентитет, противправно да остварат финансиска корист и/или да приберат лични податоци коишто потоа можат да бидат злоупотребени. Во дел од пораките што се упатени до одредени е-адреси на лица од земјава, непознатите испраќачи лажно се претставуваат во име на меѓународни и домашни финансиски институции, вклучително и во име на нашата институција, при што пораките не се испратени од системите на институциите.
Оттука, укажуваме на потребата од внимателно постапување доколку имате добиено или ако во натамошниот период добиете вакви пораки за коишто цените дека се од сомнителен карактер, односно пораки во коишто ви се нуди нешто што не делува остварливо и вистинито и во коишто има претставување во име на финансиска институција, вклучително и во име на НБРМ. Поконкретно, доколку не сте сигурни дека станува збор за порака испратена од легитимна е-адреса на финансиска институција, укажуваме дека е потребно да ја игнорирате таквата порака и да не започнувате комуникација во којашто ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка.
Доколку, сепак, мислите дека електронската порака можеби е испратена од финансиска институција, соодветно е најпрво да се обратите до институцијата, вклучително и до НБРМ, ако некој настапил во име на централната банка. Притоа, доколку сакате вашето обраќање да го остварите преку е-пошта, соодветно е да го направите тоа преку нова, а не како одговор на сомнителната е-порака. Официјаната е-адреса за комуникација со НБРМ е: info@nbrm.mk.
Народна банка на Република Македонија”