Претставниците на нашата земја најбројни во големото финале на Европскиот квиз на парите

Вчера се одржа големото финале на Европскиот квиз на парите, во коешто покрај учениците, учествуваа и менторите, родителите и сите други заинтересирани за финансиската едукација од повеќе европски држави.

Според податоците коишто ги објави Европската банкарска федерација, на овој значаен настан најбројни беа претставниците на нашата земја, што уште еднаш потврдува дека интересот на младите кај нас за стекнување повисоки нивоа на финансиска писменост е многу голем, а во последните неколку години откако поинтензивно се преземаат активности во оваа сфера и постојано се зголемува.

Заради пандемијата на ковид-19, Европската банкарска федерација одлучи ова финале да има формат поразличен од претходните години – да биде од отворен карактер, и да се одржи онлајн, со емитување во живо на ЈуТјуб (YouTube), преку платформата Кахут (Kahoot!). Учесници беа и нашиот национален победник, Едон Хамбари, второпласираниот на националниот натпревар, Андреј Шумански и низа други заинтересирани ученици од нашите основни и средни училишта.

На онлајн-настанот којшто претставуваше и официјално затварање на годинешното издание на Европскиот квиз на парите, одделно беа претставени и победниците на националните натпревари за ученици на возраст од 13 до 15 години од сите држави коишто годинава зедоа учество во овој најголем европски настан од едукативно-натпреварувачки карактер посветен на финансиската писменост. Притоа, беше претставен и Едон Хамбари, како победник на националниот натпревар кај нас.

Инаку, заради околностите во коишто настанот се организира во текот на корона-кризата, за првпат, европското финале се спроведе само на англиски јазик. Првото место го освои претставникот на Шпанија.

Во рамки на настанот беа претставени и значајни моменти од претходните изданија на ова значајно едукативно натпреварвање, при што беше прикажан и големиот успех на нашите минатогодишни претставници коишто го освоија второто место во Европа.

Националниот натпревар во рамки на Европскиот квиз на парите организиран од Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука, се вбројува меѓу најмасовните настани од едукативно-натпреварувачки карактер организирани во нашата земја.

Вложувањето во финансиската едукација и во поттикнувањето поголема финансиска инклузија претставува и вложување во стабилноста и напредокот на економијата. Македонската банка асоцијација и регулаторите на финансискиот систем во рамки на соработката со која се спроведува и Европскиот квиз на парите кај нас, и во претстојниот период ќе имаат бројни активности со коишто се има за цел уште повеќе да се поттикнат интересот за финансиската едукација и поголема финансиска инклузија.


niksa

About niksa