Одржан состанок на Работната група за финансиска едукација при Европската банкарска федерација
На 17 септември 2026 година, во просториите на Европската банкарска федерација (ЕБФ) во Брисел, Белгија, се одржа состанок на Работната група за финансиска едукација при ЕБФ (Financial Education Project Group – FEPG), кој беше организиран само со физичко присуство.
На состанокот учествуваа претставници од 13 членки на ЕБФ, со цел размена на искуства, практики и идеи за натамошно унапредување на активностите во областа на финансиската едукација. Како претставник од Македонската банкарска асоцијација (МБА) во Работната група за финансиска едукација, на состанокот учествуваше Јована Лозановска, одговорно лице на Одделението за едукација при МБА.

Во рамки на состанокот беа реализирани две работилници, преку кои беа разгледани две главни теми од значење за идниот развој на активностите на Работната група. Првата работилница „Shaping the 10th European Money Quiz“, беше посветена на подготовка на јубилејното, 10-то издание на Европскиот квиз за пари. Во рамки на работилницата беа разменети предлози и идеи во однос на темите, целните групи, форматот и начинот на реализација на јубилејното издание.

Втората работилница „FEPG focus for 2027 and beyond“, беше насочена кон дефинирање на приоритетите и насоките на Работната група во идниот период. Дискусијата опфати можности за проширување на активностите на Работната група, идентификување на нови области за соработка и иницијативи, како и начини за поголем придонес и вклученост на членките во реализацијата на идните активности.

Состанокот претставуваше можност за размена на искуства и добри практики меѓу претставниците на членките на ЕБФ, како и за заедничко дефинирање на идните приоритети во областа на финансиската едукација и зајакнување на активностите на европско ниво.




