Банките и штедилниците подготвени да излезат во пресрет на сите барања на кредитокорисниците кои се соочуваат со времена неможност за отплата на кредитите
Во околности на галопирачки негативен развој на состојбите со пандемијата од КОВИД 19, кога е сеуште невозможно да се согледаат последиците врз нашата економија, свесни дека многу наши компании веќе се соочуваат со проблеми во своето работење, членките на Македонската Банкарска Асоцијација – банки и штедилници се подготвени да излезат во пресрет на сите барања на кредитокорисниците – граѓани и правни лица кои се соочуваат или во иднина ќе се соочат со времена неможност, целосна или делумна, за отплата на своите обврски по кредити.
Во таа смисла, мошне позитивно ги оценуваме наjновите мерки на Народната банка кои даваат значителни олеснувања и стимул за побрзо и поефикасно постапување по барањата на сите оние корисници на кредити кои имаат потреба за времена промена на условите за плаќање на кредитните обврски спрема банките и штедилниците.
Заради отстранување на било какви дилеми и шпекулации, би сакале да појасниме дека овие мерки не значат мораториум на отплатата спрема банките и штедилниците, туку даваат можност на брз и ефикасен начин да се излезе во пресрет на сите оние на кои тоа им е потребно во моментов и месеците кои се пред нас.
Сите сме дел од ова општество и оваа економија и затоа е потребно со внимателно управување со ресурсите со кои располага нашата економија на најдобар можен начин да се соочиме со проблемите и кога оваа криза ќе помине да продолжиме со најмали можни последици за секое наше семејство, компанија, нашиот економски и финансиски систем и општеството во целина.
Нашите членки, банките, штедилниците, Клириншката куќа и Македонското кредитно биро ќе дадат максимален придoнес во тој правец.