„Со Народната банка во светот на финансиите“ – нов проект за финансиска едукација
Народната банка ги засилува активностите за користење на современите форми на комуникација заради финансиска едукација на населението и заштита на потрошувачите на финансиски услуги.
Денес започнува емитувањето на серијалот едукативни анимирани видеа „Со Народната банка во светот на финансиите“, којшто се изработува со поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Предвидено е серијалот да содржи девет видеа и во нив се обработуваат актуелни теми од доменот на финансиите коишто ги засегаат сите граѓани како активни субјекти во финансиските текови. Меѓу другото, со него ќе бидат опфатени теми од областа на плаќањата, личните финансии, кредитирањето и други значајни финансиски прашања.
Првото видео коешто се однесува на безбедносните аспекти на платежните картички веќе е објавено овде, на веб-страницата на Народната банка, како и на нејзините официјални страници на социјалните мрежи.
Визуелното претставување на одговорите на дел од клучните, актуелни економски прашања за граѓаните претставува иновативен пристап во финансиската едукација на населението кај нас, којшто веќе го применуваат повеќе централни банки на земји од Европската Унија. Претходно, во март годинава, започна објавувањето и на серијалот информативни и едукативни текстови „Економија за секого“. Подготовката на еден ваков проект е дополнителна потврда на решеноста на нашата централна банка да ги следи препораките на релевантните меѓународни институции и организации и најдобрите практики во сферата на финансиската едукација.
Серијалот „Со Народната банка во светот на финансиите“ ќе се подготвува и ќе се емитува и во текот на следната година.
ЕФСЕ овозможува одржливо финансирање микро и мали претпријатија со што им помага да се развиваат, да обезбедуваат дополнителен приход и да отвораат нови вработувања, како и на семејствата со понизок приход во подобрувањето на нивните станбени услови. Инициран од КфВ (Германска банка за развој), со поддршка на различни донатори и меѓународни финансиски институции,денес, ЕФСЕ е еден од најголемите развојни финансиски инвестициски фондови.