Продлабочување на соработката: Македонската банкарска асоцијација и Фондот за осигурување на депозити одржаа средба во пресрет на Светскиот ден на штедењето
Во рамките на „Месецот на штедењето“ и во пресрет на Светскиот ден на штедењето, кој се одбележува на 31 октомври, на 18 октомври 2024 година, во просториите на Македонската банкарска асоцијација се одржа заедничка средба на високи претставници на Македонската банкарска асоцијација и Фондот за осигурување на депозити.
Целта на средбата беше запознавање на новиот вршител на должност директор на Фондот, г. Бехар Емини, со членовите на управните одбори на банките и штедилниците, како и продлабочување на соработката меѓу овие институции.
На средбата се разговараше за тековната соработка помеѓу Фондот за осигурување на депозити и Македонската банкарска асоцијација, за активностите на Фондот, како и за перспективите на неговото понатамошно работење.
Средбата, на која беа разменети значајни мислења и конструктивни предлози за идната соработка и координација, беше оценета како успешна. Оваа иницијатива е само еден од чекорите што придонесуваат за зајакнување на стабилноста и развојот на банкарскиот сектор во нашата земја.