Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, д-р Маја Стевкова Штериева, учествуваше на WE Finance Code Global Forum 2026 во Париз

Претседателката на Македонската банкарска асоцијација (МБА), д-р Маја Стевкова Штериева, учествуваше на WE Finance Code Global Forum 2026, кој се одржа во седиштето на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз. Форумот беше посветен на прашањето како заложбите за унапредување на пристапот до финансии за жените претприемачи да се преточат во конкретни, мерливи и одржливи резултати.

Д-р Стевкова Штериева беше говорник на сесијата „Leadership and Actions Track – Strategies and Tools to Support Quality Action Commitments“, посветена на стратегиите и алатките преку кои институциите можат да формулираат и спроведуваат квалитетни, реални и одржливи обврски за дејствување.

Во своето излагање, таа го претстави искуството на нашата земја во усвојувањето и спроведувањето на WE Finance Code, нагласувајќи дека успешната имплементација на Кодексот не се сведува само на формално преземање обврски, туку претставува континуиран процес што ги поврзува институционалната соработка, податоците и реалните потреби на пазарот.

Во Македонија, преку Националната повелба, формирањето работни групи, спроведувањето консултации и официјалните Писма за заложби, банките ги преточуваат целите на Кодексот во конкретни активности, преземајќи одговорност за нивното спроведување и овозможувајќи јавно следење на постигнатиот напредок.

Обраќајќи им се на националните координатори, таа ја истакна важноста од јасно дефинирани цели, рокови, одговорности и механизми за мерење на резултатите како предуслов за успешно спроведување на преземените обврски.

„Обврската не е крајна цел, таа е циклус на акција, следење, мерење и подобрување. Без мерлив таргет, рок, одговорен тим и ресурси, и најамбициозната заложба ризикува да остане само добра намера“, истакна д-р Стевкова Штериева.

Со своето учество на Форумот, Македонската банкарска асоцијација го афирмира искуството на македонскиот банкарски сектор во спроведувањето на иницијативи за подобрување на пристапот до финансии за жените претприемачи, како и значењето на институционалната соработка, одговорноста и мерливите резултати во унапредувањето на женското претприемништво.

niksa

About niksa