Претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева се обрати на работната средба по повод 15 март – Светскиот ден на правата на потрошувачите
По повод 15 март – Светскиот ден на правата на потрошувачите, Организацијата на потрошувачите на Македонија организираше онлајн работна средба на која свое пригодно обраќање имаше претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева
Честитајќи го денешниот ден, таа истакна дека современото банкарско работење секојдневно станува се покомплексно, понудата на банкарски производи се поразновидна, а дигиталните иновации се почести. Сето тоа го олеснува и забрзува услужувањето на корисниците и го подобрува нивното задоволство, но воедно содржи и бројни предизивици и неизвесности.
Таа посочи дека централни точки на заштита на потрошувачите во банкарскиот сектор се лоцираат во неколку пункта.
Еден од нив е финансиската инклузија што подразбира пристап на сите категории на населението до банкарските услуги, при што треба да се настојува да се постигне суштинска , а не формална финансиска инклузија.
Транспарентноста е вториот пункт, кој се однесува на соодветно и јасно информирање на корисниците на банкарските услуги за условите на користење на банкарските производи и услуги.
Имено, знаењето, односно подобрувањето на финансиската едукација е несомнено еднакво важен фактор, бидејки јасното обелоденување за кое зборуваме кај транспарентноста целосно ја губи смислата ако корисникот на банкарските производи добива договори и услови за работење, ги потпишува, а истите вистински не ги разбира.
И последно, иако не помалку важно, особено е значајно да се посвети внимание на одржливоста во смисла на одговорно кредитирање и избегнување на презадолженоста на корисниците на банккарските услуги.
„Со потпишувањето на протоколот за соработка помеѓу ОЗП и МБА ќе настојуваме да изнајдеме прифатливи модалитети со кои ќе се зајакне заштитата на потрошувачите со истовремено промовирање на растот, финансиската стабилност и благосостојба на потрошувачите.“, заклучи претседателката.