Одржано 28. годишно собрание на АЦИ Македонија ЗФП
Од 26 до 28 мај во Струмица се одржа 28. Годишно собрание на АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари.
На свечената седница на Собранието поздравно обраќање имаше извршниот секретар на Македонската банкарска асоцијација Милена Перчинкова.
Таа истакна дека во своето скоро три децениско постоење и активно делување АЦИ Македонија ЗФП успеа да ја постигне својата цел – ги обедини вработените во банкарскиот сектор кои се во непосреден или посреден контакт со спот и термински девизни трансакции, девизни пласмани, трговија со благородни метали…
Присутните беа информирани дека МБА и ACI FMA потпишаа договор за полагање на испитите за АЦИ во просториите на МБА. Тоа беше поздравено и од Руи Кореиа, директор на Борд за едукација на ACI FMA кој со видео порака се обрати и извести за сите новини во светското АЦИ семејство.
Претседателот Бојан Цветановски поднесе Извештај за работа на здружението во кој се осврна на реализираните активности и постигнатите резултати на Здружението помеѓу двете собранија.
Новата правна рамка за давање на платежни услуги во нашата земја ја презентираше директорот на Дирекцијата за платни системи во Народна банка, д-р Игор Величковски.
Врвната панел дискусија на тема „Каматните стапки и инфлацијата, каде е линијата на хоризонтот, дали инфлацијата ги замагли финансиските и економските перспективи“ на која модератор беше уредничката на Блумберг Адриа Наташа Стојановска, а панелисти поранешниот гувернер проф. д-р Љубе Трпески, проф. д-р Борче Треновски и Анета Додевска економски новинар, придонесе за големиот успех на 28. Годишно собрание.