Одржана работилница на тема – Барање за документарен акредитив во организација на Комисијата за документарно работење

На 14 октомври 2026 година се реализираше 15-тиот едукативен настан организиран во мандатот на тековното раководство на Комисијата за документарно работење при МБА. Банкарите-практичари од областа на акредитивното работење (11 учесници со физичко присуство во просториите на МБА и дваесетина со онлајн присуство преку MЅ Teams платформата) имаа можност да дебатираат за содржината на барањето за документарниот формат на оваа услуга.

Темата е особено значајна бидејќи директно влијае врз квалитетот на информациите што клиентите ги доставуваат при поднесување на барање за отворање акредитив. Оптимално структурираните обрасци може да придонесат за намалување на недоразбирањата при спроведување на барањето и потребата од дополнителни појаснувања од клиентите.

Истовремено, усогласувањето со новите SWIFT стандарди што наскоро се очекуваат во однос на содржината на акредитивните пораки може да резултира во поефикасна обработка на овој инструмент, кој засега се користи исклучиво во меѓународниот платен промет, со надеж дека во иднина ќе најде практична примена и на домашен терен.  

Размената на искуства меѓу банките овозможи идентификување на добри практики што со години се развивале независно во различни институции. Особено е значајно што дебатата не беше насочена кон наметнување унифициран и обврзувачки образец за сите банки, туку кон создавање заедничко разбирање за клучните податоци потребни во иницијалната фаза на акредитивното работење. Ваквиот пристап ја зачувува автономијата на секоја банка и делување согласно сопствената деловна практика. Но, истовремено придонесува за поголема стандардизација на работењето со акредитиви преку примена на добрите практики за аплицирање.

Во завршните коментари беа изнесени и препораки за воведување на дигитално аплицирање и автоматско мапирање на податоците од барањата кои во иднина би се доставувале во електронска форма во апликативните системи во банките и SWIFT мрежата. Целта е покрај забрзување на обработката на барањето и професионално спроведување на инструкциите да се елиминираат можните превиди од оперативен карактер при креирање на содржината на инструментот.

niksa

About niksa