Комисија за информативна сигурност

Во насока на промоција и презентација на Македонската банкарска асоцијација (МБА) пред јавноста, во следните месеци ќе ги презентираме комисиите кои како постојани работни тела функционираат во рамките на МБА и нивните челници

КОМИСИЈА ЗА ИНФОРМАТИВНА СИГУРНОСТ

Претседавач на Комисија за информативна сигурност е Живко Атанасов, директор на Сектор за организација и ИТ во СТОПАНСКА БАНКА АД Битола, а заменик-претседавач е Кристина Трпезановска, директор на оддел за управување со ризици во ПРОКРЕДИТ БАНКА АД Скопје.

Комисијата за информативна сигурност претставува постојано работно тело во рамки на Македонската банкарска асоцијација и е формирана од самото нејзино основање, а во сличен облик постоеше и при Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија. Во комисијата членуваат претставници на сите членки на Македонската банкарска асоцијација кои во фокусот на своето работење ја имаат информативната сигурност на своите деловни субјекти.

Во делокругот на своето работење Комисијата за информативна сигурност обработува најразлични актуелни теми поврзани со информативната сигурност на системите, сајбер безбедноста, новите технолошки унапредувања, се дискутираат законите што се во подготовка, а се од доменот на информативната сигурност и информатичките технологии, начинот на имплементација на веќе донесените закони, се следат технолошките достигнувања и новините во оваа сфера и се разменуваат искуства од различните финансиски субјекти. Комисијата остварува соработка и со надворешни компании од земјата и странство, кои ги презентираат своите решенија од областа на информатичката технологија. Исто така, Комисијата за информативна сигурност има долгогодишна и плодна соработка со Народна банка, Министерство за финансии, Министерство за информатичко општество и администрација, Агенција за заштита на личните податоци, Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти МКД-ЦИРТ, како и со комисиите за информативна сигурност од здруженијата на банки во регионот.

Во последната година актуелна тема на која работеше Комисијата беше донесувањето и примената на новиот Закон за платежни услуги и платни системи со кој значително се зголемија активностите на Комисијата во правец на усогласувањето со европската регулатива за примена на сигурносните стандарди и новите информатички технологии со цел унапредување на работењето на банките и воспоставување на уште поголема заштита на услугите кои банките ги нудат преку дигиталните канали. Исто така од големо значење беше и соработката со другите комисии при МБА и Народната банка. Дополнително и не помалку важно, Комисијата во континуитет работи  на анализи, споделување на информации и давање препораки во делот на сајбер безбедноста во финансискиот сектор.

Живко Атанасов е директор на Сектор за организација и ИТ во Стопанска Банка АД Битола и претседавач на Комисијата за информативна сигурност при МБА.  Живко има повеќе од 15 години работно искуство во банкарскиот сектор и повеќе од 10 години искуство на раководни позиции во областа на ИТ и информативната сигурност.  Учеството во бројни и значајни проекти поврзани со дигитализација, информативна сигурност и нови ИТ технологии има голем придонес во неговиот личен и кариерен развој. Исто така членува во повеќе работни групи поврзани со дигитализацијата и сајбер безбедноста.

Функцијата претседавач на Комисијата за информативна сигурност ја врши од нејзиното основање во 2018 година и добитник е и на две благодарници за особен придонес за работата на МБА.

Кристина Трпезановска е директор на Одделот за управување со ризици во ПроКредит Банка АД Скопје со 20 годишно искуство во банкарскиот сектор.

Својата професионална кариера ја започнува и гради во ПроКредит банка, работејќи на бројни раководни позиции како директор на филијала, директор на Сектор банкарство на мало, директор на Сектор за платен промет и позадински операции, а последните 7 години е директор на Одделот за управување со ризици, во чиј домен е и информативната сигурност на банката.

Во своето досегашно работно искуство, Кристина има значајни постигнувања во реализација на бројни проекти во банката насочени кон имплементација на законска регулатива, оптимизација на процеси, нивна автоматизација и дигитализација. Својата експертиза во дејноста ја надополнува и со менторство на вработените на банката за подигнување на свесноста за ризиците.

Кристина Трпезановска ја има завршено ПроКредит Академијата за менаџери во Франкфурт и е сертифициран експерт за управување со ризици од Frankfurt School of Finance and Management.

Функцијата Заменик претседавач на Комисијата за информативна сигурност ја извршува од 2018 година и ова е нејзин втор мандат.

niksa

About niksa