МБА и Фондот за осигурување на депозити го одбележаа Светскиот ден на штедењето

Македонската банкарска асоцијација и Фондот за осигурување депозити оваа година по повод Светскиот ден на штедењето, 31- ви октомври организираа пригодна прослава.

Претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова-Штериева, ги сподели емоциите со присутните за едукативниот настан што претходеше на свечениот дел на прославата:

– Прво морам со вас да поделам една емоција од претходниот настан, кога децата со подзинати усти го следеа видеото од Европскиот квиз на пари. МБА вложува во едукацијата на младите, зошто тие се нашата иднина и сите ние со збогатување на нивните знаења и образование треба да допринесеме до останат тука.

Во своето обраќање до присутните претседателката на МБА истакна дека македонските банки и штедилници многу одговорно и совесно ги чуваат средствата на штедачите. Тие прудентно кредитираат и се грижат за интересите на своите клиенти. Граѓаните претпочитаат да штедат во банкарски депозити како резултат на довербата во банкарскиот систем.

– Да бидеш банкар е истовремено и да бидеш финансиер и да бидеш чувар и добар домаќин на средствата кои ти ги довериле на чување, рече Стевкова-Штериева.

Министерката за финансии, д-р Нина Ангеловска, меѓу другото истакна:

– Во 2019 година вкупните депозити забрзано растат. Задржан е трендот на зголемување на штедењето на населението, како резултат на довербата во банкарскиот систем. Денарското штедење на населението го надминува штедењето во девизи, што укажува на задржување на доверба на граѓаните во домашната валутa. Се задржа склоноста за штедење на долг рок, пред се во денари. Значително е зголемено кредитирањето на фирмите a нефункционалните кредити се задржаа на ниско ниво. Ова е показател за голема довербата во македонскиот банкарски систем, посочи министерката за финансии Нина Ангеловска на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето.

Истакнувајќи го значењето на штедењето за економијата, гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање се осврна на глобалните и на европските трендови на движење на каматните стапки и на остварувањата коишто покажуваат раст на нивото на депозитите во еврозоната, ставајќи акцент и на состојбите во нашата земја. Како што истакна таа, споредено со европскиот пазар, приносите на штедењето во домашниот банкарски сектор во голема мера сѐ уште се конкурентни, а во основа се релативно повисоки и во споредба со каматните стапки на штедните влогови во останатите земји од регионот.

„Нашите граѓани и натаму претпочитаат да штедат во банкарски депозити, пред останатите расположливи инструменти. Со крајот на минатата година, банкарските депозити зафаќаат околу две третини од вкупната финансиска актива на населението и ова учество е зголемено споредено со периодот пред глобалната економска криза. Имајќи предвид дека во нашата економија депозитите претставуваат главен извор на финансирање на банкарските активности, за домашните банки е важно и во следниот период да одржат конкурентни услови за штедење. Ако се земе предвид стабилноста на билансите на домашниот банкарски сектор, сметам дека тоа е и реално да се очекува.“ – порача Ангеловска-Бежоска.

Директорот на Фондот за осигурување депозити, г-дин Борче Хаџиев, го акцентираше местото и улогата на Фондот потенцирајќи дека:

– Нашата институција постојано работи на модернизација и придвижување кон начелата за работа на осигурителите на депозити поставени со директивата на ЕУ и принципити за работа на осигурителите на депозити ширум светот. Обештетувањето во најкраток можен рок, односно намалувањето на времето на обештетување од сегашните дваесет дена на седум дена е имепратив кон кој нашата институција се стреми.

Традиционално, на настанот им беа доделени плакети на најдобрите службеници за 2019-та година. Годинава признанија добија 37 службеници од сите банки, двете штедилници, Клириншка куќа КИБС и Македонско кредитно биро.


 

Поврзани вести:

МБА и Фондот за осигурување депозити ги учат младите на штедење

Нaградените со мотив повеќе

niksa

About niksa