Објавен првиот број на МБА Е-билтен
Македонската банкарска асоцијација ја одбележа Глобалната/Европската недела на пари со уште една активност – го издаде првиот број на МБА Е-билтен.
Билтенот ќе излегува на квартално ниво, а има цел значаен дел од работењето на МБА и на нејзините членки и соработници да го направи уште подостапно до вработените во банките и во штедилниците, студентите по економија и средношколците во економските училишта, како и до пошироката јавност.
Македонската банкарска асоцијација презема повеќе иницијативи и активности за што поинтензивна финансиска едукација на граѓаните и за доближување на работењето на банките и штедилниците до јавноста.
Еден од најзначајните проекти, чија цел е зголемена финансиска едукација и писменост на младите, е организацијата на Националниот натпревар за „Европскиот квиз на пари“.
Оваа недела беше организиран третиот по ред Национален натпревар за „Европскиот квиз на пари“, на кој учествуваа 650 ученици на возраст од 13 до 15 години. Благоја Трајчески и Михаил Атанасовски од Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Битола, во конкуренција на своите врсници од целата држава, постигнаа најдобри резултати и ќе ја претставуваат нашата земја на европското финале.
Погледнете го првото издание на МБА Е-билтен тука…