Се одржа завршната конференција на проектот MiCreS

Микроквалификациите – клучни за развојот на вештините во банкарскиот сектор

На 29 октомври 2026 година, во Брисел, Белгија, се одржа завршната конференција на проектот MiCreS, во кој Македонската банкарска асоцијација учествува како партнер. На настанот присуствуваа членови на проектниот конзорциум, претставници на членките на Европската асоцијација за обука во банкарството (EBTN), како и други релевантни учесници од финансискиот сектор.

Конференцијата беше посветена на иднината на професионалните вештини во банкарскиот и финансискиот сектор, со посебен акцент на можностите што ги нудат микроквалификациите за развој на компетенциите, поддршка на дигиталната трансформација и приспособување кон новите потреби на пазарот на труд.

Во делот посветен на практичната примена на проектот MiCreS, беа презентирани стандардите за акредитација на микроквалификациите, нивната примена во практиката и можностите за дигитална верификација и прекугранична преносливост преку блокчејн-технологијата.

Во рамките на конференцијата, првиот главен говорник д-р Јоаким Шверин (Dr. Joachim Schwerin) од Blockchain Bundesverband се осврна на иднината на вештините во банкарството, со акцент на дигиталните технологии, микроквалификациите и новите пристапи кон професионалните квалификации, додека вториот д-р Кевин Маршал (Dr. Kevin Marshall), претседател на Националниот совет за вештини во Ирска, зборуваше за значењето на вештините како основа за економски раст и конкурентност, деловен успех и создавање нови можности за поединците.

Преку презентации и дискусии, учесниците ја истакнаа важноста на континуираното учење, развојот на дигиталните вештини и примената на современите технологии, вклучително и вештачката интелигенција. Посебен акцент беше ставен на обезбедувањето квалитет и преносливоста на микроквалификациите, како предуслови за поголема флексибилност и мобилност на професионалците.

Конференцијата ја потврди важноста на инвестирањето во знаењето и развојот на вештините како клучни предуслови за создавање конкурентен, флексибилен и подготвен за иднината банкарски и финансиски сектор.

niksa

About niksa