Oдржан настан за презентација на проектот MiCreS – Micro-Credentials in Practice
На 14 мај 2026 година, во просториите на Македонската банкарска асоцијација успешно се одржа националниот дисеминациски настан за презентација на европскиот проект MiCreS под насловот: Micro-Credentials in Practice, чија цел е развој и промоција на микро-квалификации како современ и флексибилен пристап кон професионалното образование и доживотно учење.
На настанот присуствуваа над 30 претставници од банките и штедилницте, членки на МБА, Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, универзитети и факултети, и други релевантни чинители од финансискиот и образовниот сектор.
Настанот го отвори претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова Штериева, а презентацијата на проектот беше водена од одговорното лице за едукација при МБА – Јована Лозановска. Главната цел на настанот беше запознавање на клучните национални чинители со проектот MiCreS, неговите цели, времетраење, партнерскиот конзорциум, планираните активности и очекуваните резултати. Во рамки на настанот беше презентирана и програмата за ЕСГ сертфикатот, при што беа претставени предусловите за учество, методите на реализација, очекуваните резултати од учењето и практичната применливост на програмата во финансискиот и деловниот сектор.

Посебен акцент беше ставен на значењето на ЕСГ компетенциите и потребата од систематски пристап кон едукација и сертификација во областа на одржливоста, особено во контекст на новите европски регулативи и растечките барања за ЕСГ известување и имплементација.
Настанот овозможи активна дискусија и размена на мислења меѓу учесниците, кои изразија голем интерес за проектните активности и позитивно ја оценија релевантноста и практичната вредност на предложените микро-квалификации и ESG програмата. Учесниците ја истакнаа потребата од континуирано надградување на знаењата во оваа област и ја потврдија важноста на ваквите иницијативи за јакнење на капацитетите во финансискиот сектор и пошироко.

Им благодариме на сите присутни за активното учество, вредните коментари и поддршката во промоцијата на ЕСГ и микро-квалификациите во Македонија.




