Комисија за документарно работење
Во насока на промоција и презентација на Македонската банкарска асоцијација (МБА) пред јавноста, во следните месеци ќе ги презентираме комисиите кои како постојани работни тела функционираат во рамките на МБА и нивните челници.
КОМИСИЈА ЗА ДОКУМЕНТАРНО РАБОТЕЊЕ
Претседавач на Комисијата за Докумантарно работење е г-дин Андреј Ефтимов, раководител на Службата за документарно работење, Сектор за поддршка на продажба на корпоративни клиенти во НЛБ БАНКА АД Скопје, а заменик-претседавач е м-р Сашо Дончевски, одговорен за документарно работење во ПРОКРЕДИТ БАНКА АД Скопје.
За остварување на заеднички интереси на членовите на МБА оваа Комисија делува по прашања поврзани со акредитивите, банкарските гаранции, инкасо услугите и другите форми на финансирање на трговијата.
Преку неа претставниците на членките:
- Иницираат анализа на разни теми од спомнатите инструменти на документарното работење и притоа даваат свои стручни мислења, совети, информации и препораки по истите
- Ги усогласуваат своите ставови и донесуваат заклучоци за прашањата од доменот на финансирање на трговијата
- Заеднички ги следат законите, подзаконските прописи и други акти кои се однесуваат на делувањето на оваа Комисија, а доколу е потребно иницираат толкување од регулаторот
- Формираат работни групи кои координирано се ангажираат за прашањата од заеднички интерес на членките во Комисијата
- Организираат работни средби и дискусии со претставници на домашни и меѓународни асоцијации и организации од аспект на документарното работење
- Реализираат стручни расправи, презентации, работилници, предавања, семинари и други форми на консултански сесии за членовите на МБА и други заинтересирани субјекти
Претседавач на Комисијата за Документарно работење од јануари 2023 година е г-дин Андреј Ефтимов, раководител на Службата за документарно работење, Сектор за поддршка на продажба на корпоративни клиенти при НЛБ Банка АД Скопје.
Од првиот работен ангажман во банкарските кругови во 1995 година, постојано е вклучен во областа на документарното работење. Беше активен член на претходната Комисија за документарно работење која делуваше во рамките на Здружението за банкарство во Стопанската комора на Македонија, а по формирањето на МБА агилен е и во оваа институција за што е добитник на благодарници за работењето во 2019 година.
Како модератор реализира две работилници за членовите на комисијата оваа година: за гаранциско работење (во февруари) и за акредитивно работење (во мај).
Актуелен заменик-претседавач на Комисијата за Документарно работење е м-р Сашо Дончевски, одговорен за документарно работење во ПроКредит Банка АД Скопје. Сашо Дончевски е магистер по менаџмент и е поранешен претседател на Комисија за документарно работење која делуваше во рамките на Здружението за банкарство во Стопанската комора на Македонија, а од јануари 2023 година активно е вклучен во Комисијата за документарно работење при МБА.
Во сферата на документарното работење е ангажиран од 2005 година и од самите почетоци зема активно учество на работилници, семинари и обуки за унапредување на знаењата за документарно работење организирани од ЕБРД, SWIFT, Институт пословних истраживања – Србија, ProCredit Academy, ProCredit Bank AG Frankfurt, ПроКредит Банка АД Скопје, во земјата и во странство. Во рамките на ПроКредит банка и ПроКредит групацијата учествува во обука на кадарот од областа на документарното работење, како и во континуиран развој и зголемување на ефикасноста на процесите и нивна дигитализација.