Дeцeниски јубилеј на Македонското Кредитно Биро
Македонското кредитно биро на пригодна свеченост го прослави својот десетгодишен јубилеј. Во присуство на бројни гости, Македонското кредитно биро својот 10-ти роденден (29.11.2018) го дочека како респектабилна институција која стана партнер од доверба на банките, финансискиот сектор, граѓаните и компаниите во земјата.
Во име на бирото, на присутните гости, поздравени како најзначаен фактор за тоа што Македонското кредитно биро е денес, им се заблагодари директорот Тони Трајанов.
На свеченоста на Македонското кредитно биро, кое претставува клучна алка во синџирот за размена на податоци при донесување деловни и финансиски одлуки, свое видување за значењето на Кредитното биро имаше и претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Коста Митровски:
Она што за мене е особено важно е дека овие 10 изминати години, податоците и услугите на Македонско кредитно биро станаа секојдневна потреба на целиот банкарски сектор во Република Македонија. Очекувањата дека со отпочнување со работа на Македонско кредитно биро ќе се формира современ систем на информирање на кредиторите, се реализираа. На овој начин Република Македонија се приклучи кон земјите во коишто постоењето на вакви институции е долгогодишна успешна пракса.
Тој во име на Македонската банкарска асоцијација, која се јавува како иницијатор за формирање на Македонското кредитно биро прими благодарница од славеникот.