Близу 500 ученици учествуваа на националниот натпревар на Европскиот квиз на парите
Победник на натпреварот е Едон Хамбари од основното училиште „Исмаил Ќемали“ од Скопје
Близу 500 ученици од основните и средните училишта од целата земја, денес учествуваа на националниот натпревар на Европскиот квиз на парите, кој како и во другите европски земји се одржа преку електронската платформа Кахут (Kahoot!).
- – Првото место го освои Едон Хамбари од основното училиште „Исмаил Ќемали“ од Скопје, под менторство на Мерита Таири.
- – Второто место го освои Андреј Шумански од основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ од Скопје, под менторство на Александра Бошковска-Спасовска.
- – Третото место го освои Антонио Јорданоски основното училиште „Рампо Левката“ од Прилеп, под менторство на Илчо Јорданоски.
Квизот е проект на Европската банкарска федерација и има за цел да се мотивираат училиштата и наставниот кадар во Европа уште повеќе да вложуваат во финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години. Нашата земја по вторпат е дел од овој значаен проект, на иницијатива и во организација на Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука.
Заради состојбата со пандемијата на ковид-19, оваа година, националните натпревари во неколку европски земји, вклучително и во нашата, беа одржани на поинаков начин споредно со минатата година – со онлајн учество и преку индивидуален настап на учениците, без тимови. Пред одржување на натпреварот, со интерното тестирање во училиштата беа опфатени околу 5500 ученици, што потврдува дека во моментот ова и е најмасовен настан од натпреварувачко-едукативен карактер наменет за млади, којшто се организира кај нас.
Официјалното затворање на Европскиот квиз на парите за 2020 година ќе се одржи онлајн, на 16 јуни, со големо финале на англиски јазик на коешто покрај учениците, поканети се и менторите, родителите и сите други заинтересирани лица за финансиска едукација. На овој настан ќе бидат претставени победниците на националните натпреварувања за млади на возраст од 13 до 15 години, меѓу коишто е и Едон Хамбари а Европската банкарска федерација ќе го промовира и својот Извештај за финансиската писменост во Европа.
Македонската банкарска асоцијација, Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Министерството за финансии и Министерството за образование и наука им честитаат на сите училишта, ментори и ученици коишто и покрај бројните предизвици што и ним им ги ги зададе корона-кризата, демонстрираа висока свесност за големото значење на вложувањето во финансиската писменост и во ваков период и посветено работеа за преку Европскиот квиз на парите да се постигнат значајни резултати, коишто се и влог во натамошниот развој на македонската економија и своевидна гаранција за подготвеноста на младите генерации за активна вклученост во финансиските текови.
Искуствата што финансиските институции ги стекнуваат во текот на корона-кризата уште еднаш ја потврдуваат важноста на вложувањето во финансиската едуцираност и во поттикнувањето поголема финансиска инклузија на населението. Сите институции коишто учествуваат и го поддржуваат одржувањето на Европскиот квиз на парите во нашата земја продолжуваат со своите активности во оваа сфера, при што во димензионирањето на дел од активностите ќе се ползуваат и искуствата што се стекнуваат во овој период.
На победникот на националниот натпревар на Европскиот квиз на парите, како и на учениците коишто ги освоија второто и третото место и на нивните ментори ќе им бидат доделени пригодни награди.