Одржан дводневен семинар на тема „Decoding ESG: Mastering Risk in a Complex Regulatory Landscape“

Одделението за едукација при Македонската банкарска асоцијација на 20 и 21 април 2026 година успешно организираше дводневен семинар на тема „Decoding ESG: Mastering Risk in a Complex Regulatory Landscape“. Настанот се реализираше со финансиска поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа – EFSE и Европската Унија, во соработка со компанијата Op2M d.o.o. од Загреб, Хрватска.

Семинарот понуди сеопфатен осврт на управувањето со еколошките, социјалните и управувачките (ESG) ризици. Акцентот беше ставен на воспоставување структуриран и интегриран пристап за идентификација, мерење, следење и управување со ESG ризиците, како и нивно вградување во деловните стратегии и системите на корпоративно управување.

Програмата опфати повеќе клучни теми, вклучително и развој на прудентни стандарди и супервизорски очекувања поврзани со ESG ризиците, воспоставување ESG рамка во банките и штедилниците, унапредување на ICAAP процесите преку поврзување на стратешкото и оперативното ниво, како и практична примена на ESG концептот преку интеграција на еколошките ризици во управувањето со кредитниот, оперативниот и ликвидносниот ризик и во процесите за одобрување кредити.

Семинарот го водеше Стјепан Аниќ, регионално признат експерт во областа на управување со ризици, моделирање и оптимизација на ризично базирани процеси во финансиските институции.

Настанот претставуваше значајна платформа за размена на знаења, искуства и најдобри практики во областа на ESG ризиците. Учесниците се стекнаа со практични сознанија и применливи алатки, кои ќе придонесат за зајакнување на капацитетите на банкарскиот сектор и за негово понатамошно унапредување во насока на поголема стабилност и отпорност, како на национално, така и на регионално ниво.

niksa

About niksa