Комисија за работа со хартии од вредност
Претседавач на Комисијата за работа со хартии од вредност е Михајло Брова Зиков, директор на Дирекцијата за вршење на услуги со хартии од вредност во Комерцијална банка АД Скопје, а заменик-претседавач е Емилија Брљамова, самостоен финансиски аналитичар во Службата за старателство во НЛБ банка АД Скопје.
Комисијата за работа со хартии од вредност делува во рамките на Македонската банкарска асоцијација како постојано работно тело, со фокус и активности кои имаат за цел ефикасно остварување, унапредување и заштита на интересите на членовите на МБА во областа на работење со хартии од вредност и јакнење на интегритетот на пазарот на капитал преку обединет и усогласен пристап.
Својата функција Комисијата ја остварува преку:
- поттикнување соработката помеѓу членовите на МБА и надлежните органи и институции,
- номинирање членови за учество во работни тела на Македонската берза, Централниот депозитар за хартии од вредност, Министерството за финансии…,
- покренување иницијативи и стратегии за развој на пазарот на капитал,
- покренување иницијативи за донесување или измена на прописи и останати акти во врска со работењето со хартии од вредност,
- давање мислења до надлежни органи и институции по однос на предлози на законски, подзаконските прописи и останати акти.
Брова Зиков е претседател на Комисијата од 2019 година, а благодарение на неговото 16 годишно искуство во сегментот работа со хартии од вредност и активно учество во целокупниот развој на пазарот на капитал во земјава, тој има огромен придонес во работата на Комисијата.
Динамичните и турбулентни случувања на пазарите на капитал се секојдневие во работењето на Брова Зиков како директор на Дирекцијата за вршење на услуги со хартии од вредност во Комерцијална банка АД Скопје. Особен предизвик во неговото работење во Банката, како и како претседавач на Комисијата при МБА претставува поттикнување на соработката помеѓу членовите на МБА и надлежните органи и институции во доменот на пазарот на капитал, како и стремеж за обезбедување правилна и единствена примена на законските, подзаконските прописи и останатите акти од доменот на работењето на членовите на Комисијата и во таа насока усогласување на ставовите и мислењата во комуникација со надлежните органи.
Емилија Брљамова како Заменик–претседавач на Комисијата активно учествува во организирање на работата на Комисијата во координација со Претседавачот, поднесува иницијативи за разгледување од страна на Комисијата, спроведува заклучоци од состаноците на Комисијата, а во отсуство или во согласност со Претседавачот самостојно ги врши работите во надлежност на Претседавачот на Комисијата. Како постојана работна група во рамките на Комисијата ја формира Работната група за старателство, чии членови на посебна или заедничка седница со останатите членови на Комисијата, разгледуваат и одлучуваат по прашања од областа на старателските услуги за резиденти на странски пазар и нерезиденти на домашен пазар, услуги на депозитарна банка за домашни инвестициски фондови и услуги на банка чувар на имот за домашни пензиски фондови.
Работна група за старателство
Во Комисијата претставници имаат сите банки овластени учесници на пазарот на хартии од вредност, а во нејзината работа учествуваат и претставници на брокерските куќи со дозвола за работа со хартии од вредност, како и претставници на Македонската берза за хартии од вредност и Централниот депозитар за хартии од вредност.