МБА на саемот „Купи куќа, купи стан“

На 7-ми декември 2019 година во Скопје Сити Мол се одржа саемот „Купи куќа, купи стан“ организиран од страна на Министерството за финансии. На саемот со свој штанд беа и членките на Македонската банкарска асоцијација кои се активно вклучени во проектот „Купи куќа, купи стан“, каде може да се аплицира за добивање на субвенциониран кредит.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, во своите поздравни говори укажа дека секој заслужува да има сопствен дом, а преку проектот „Купи куќа, купи стан“ и субвенционирање на станбениот кредит државата дава поддршка тогаш кога е најпотребно, на почетокот.

„Купи куќа, купи стан“ од годинава има значително подобри услови кои сакавме да им ги претставиме на граѓаните. Најважно, намалена е каматната стапка на проектот на 2,9% за првите три години и на 3,9% за четвртата и петтата година. Ова се меѓу најповолните услови во моментот на пазарот. Само по овој основ граѓаните заштедуваат 1.300 евра на камати. Концептот е разработен со повеќе модели за купување на стан или куќа за млади, но и за повозрасни граѓани, за да навистина има широк опфат и да ги таргетира сите оние граѓани на кои навистина им е потребна поддршка за да дојдат до сопствен дом. – рече Ангеловска.

Извршниот секретар на Македонската банкарска асоцијација, Милена Перчинкова, ги поздрави новите услови за проектот и новите каматни стапки, кои заедно со субвенциите од државата го прават проектот атрактивен.

Кај новиот модел „Купи стан за млади“ за клиенти со возраст до 35 години со новите каматни стапки и субвенција од 70% од ратата за првите 5 години што ја дава државата за станбен кредит од 50.000 евра со рок на отплата од 30 години, бенефитот за клиентот на крај на периодот на отплатата е како да земал станбен кредит со 0,5% фиксна каматна стапка за првите 5 години. Во оваа ера кога милениумците копнеат по самостојност и независност ова е извонредна можност за исполнување на нивната желба – рече Милена Перчинкова.

Од Градежната комора при сојузот на Стопански комори нагласија дека го поддржуваат проектот уште од самиот почеток и дека овој проект е поддршка за градежништвото.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ предвидува повеќе нови модели кои имаат поволни услови за младите до 35 години, но и за граѓаните со возраст над 35 години.

niksa

About niksa