Се започна со објавување стандардизирани табели за кредитите и депозитите на банките и штедилниците на нов дел на веб-страницата на Народната банка

Поголема транспарентност, стандардизација и споредливост на објавените податоци за депозитите и кредитите за населението – поголема заштита на потрошувачите

Од почетокот на овој месец, сите банки и штедилници започнаа со спроведување на Насоките донесени од Народната банка и Македонската банкарска асоцијација (МБА) на 15 јули 2021, за содржината, обликот и начинот на објавување на податоците за најрепрезентативните кредитни и депозитни производи за физички лица. Целта е да се постигне поголема транспарентност и споредливост на податоците за депозитите и кредитите за населението, кај сите банки и штедилници, вклучително и за каматните стапки, заради подобра информираност на граѓаните и носење одлуки коишто се засноваат врз подетални информации.

На видно назначено место, на своите веб-страници, секоја банка и штедилница има објавено Стандардна табела со податоци по одделни кредити и депозити. Станува збор за форма преку којашто за првпат се обезбедува на ист начин, сите банки и штедилници да објавуваат унифицирани податоци за банкарските производи коишто се најважни за населението. Заради навремена и поголема информираност на граѓаните, а со тоа и нивна поголема заштита како потрошувачи, банките и штедилниците ќе треба да ги ажурираат овие податоци редовно, најмалку еднаш на секои три месеци.

Податоците за кредитните и депозитните производи за населението, во ваква унифицирана форма, се достапни и централизирано – преку нов, посебен дел на веб-страницата на Народната банка, наменет за информирање на потрошувачите, којшто од денес е достапен за јавноста. Ова ќе им овозможи на граѓаните да ги имаат информациите за производите на сите банки, на едно место, на стандардизиран и споредлив начин. Покрај табелите со стандардните податоци, во овој дел на веб-страницата на Народната банка веќе се објавени и други содржини за потребите на клиентите на банките и штедилниците, вклучително и податоци за контакт за поплаки за одделни банки и штедилници, како и најчесто поставувани прашања од потрошувачите до Народната банка. Овој дел на веб-страницата и натаму ќе се надградува, паралелно со активностите коишто Народната банка ќе ги спроведува за заштита на потрошувачите.

Согласно со Насоките донесени од Народната банка и МБА, податоците објавени од сите банки и штедилници, покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка, вклучуваат и дополнителни, подетални информации, како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците коишто не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување / кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и други. Следствено, податоците објавени во ваква форма треба да овозможат подобар увид во условите понудени од страна на одделните банки и штедилници, како основа за носење одлука за избор на најсоодветниот производ, согласно со можностите и склоностите на потрошувачите.

Наспроти претходната практика кога банките и штедилниците индивидуално избираа кои податоци ќе ги објавуваат за своите производи и во каква форма, со новиот унифициран пристап на целиот банкарски систем, на граѓаните им се овозможува попрецизна, целосна информираност за најзначајните аспекти коишто треба да ги имаат предвид при разгледувањето одделни кредити и депозити, заради избирање на соодветниот производ, истовремено водејќи сметка и за можните ризици.

Со применувањето на Насоките донесени од Народната банка и МБА и со воведувањето нов дел на веб-страницата на Народната банка наменет за информирање на потрошувачите, во доменот на банкарскиот систем целосно се исполни првата активност од првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто неодамна беше усвоена од страна на финансиските регулатори.

Врска до „Информации за потрошувачите“:  https://www.nbrm.mk/informacii-za-potrosuvacite.nspx

niksa

About niksa