Одбележан 60-годишниот јубилеј на постдипломскиот студиум по Монетарна економија, финансии и банкарство на Економскиот факултет – Скопје
Денес, 14.12.2021 година, преку виртуелна конференција се одбележа големиот јубилеј на постдипломските студии по Монетарна економија, финансии и банкарство на Економскиот факултет во Скопје.
По повод 60 години постоење на постдипломскиот студиум, Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје организираше конференција на тема: Финансиите во услови на пандемија. Конференцијата се одржа во две сесии.
На првата сесија под наслов: Банкарство во услови на пандемија, учество зема Претседателот на Македонската банкарска асоцијација, д-р Маја Стевкова-Штериева. Таа во нејзината излагање и презентација истакна:
„банките се стабилни, резистентни на шокови, со профитабилност која може да послужи како дополителна брана во случај на непредвидени настани кои би можеле да имаат негативни ефекти на нивната стабилност. На почетокот на август Одлуката на Советот на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците беше укината и банките можеа да исплатуваат дивиденда. Во таа смисла, дополнителна потврда за нивната стабилност се и податоците со крајот на септември 2021 кои покажуваат дека адекватноста на капиталот на ниво на банкарски систем изнесува 17,3%, што е стапка на адекватност повисока од онаа пред почетокот на пандемијата и претставува солидна основа за одбрана од шокови, особено при моменталните инфлациски движења“.
На конференцијата свое обраќање имаше и заменик претседателот на Македонската банкарска асоцијација, м-р Тони Стојановски, Генерален Директор за корпоративно банкарство на Стопанска банка АД Скопје.