Комисијата за документарно работење дебатираше за гаранциското работење
Комисијата за документарно работење на 27.9.2023 година иницираше дебата за гаранциското работење. Поконкретно за трансфер на банкарска гаранција и упатување на плаќањето (асигнација) при наплата на инструментот.
За актуелностa на темите сведочи интересот меѓу членките на Комисијата за документарно работење, а на поканата се одзваа и колегите од Народната банка на Република Северна Македонија.

За време на речиси две и пол часовната дискусија, практичарите за документарно работење и експертите од правниот дел кои беа претставници од некои банки, се согласија околу дефинирањето на преносот на гаранцијата (и дистинкцијата од асигнацијата), нејзината потреба и можните причини кои доведуваат до трансфер на обврските и побарувањата по оваа банкарска услуга.
Но, со оглед дека во меѓународните узанси и поврзаните брошури издадени од Меѓународната стопанска комора со седиште во Париз (International Chamber of Commerce ICC), нема конкретен опис како да се реализира преносот на гаранцијата, а имајќи го во предвид и не толку големиот број на случаи од скорешната домашна практика, останува на самите банки по сопствено видување да одлучат како ќе пристапат кон ефектуирање на инструкциите за пренос.

Техниката за трансфер на банкарската гаранција може да биде предмет и на посебна анализа во рамките на МБА во наредниот период. Пожелно е да биде поддржана и со експертиза на специјалисти за гаранциско работење од странство, со цел да се пренесат детали од праксата и од други земји.