Банките се подготвени за исплата на паричната помош од социјална и детска заштита

Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека сите банки се подготвени да ја извршат исплатата на паричната помош од социјална и детска заштита, притоа водејќи максимална грижа за заштита на јавното здравје.

Сите корисници на парична помош од социјална и детска заштита, коишто поседуваат дебитни картички, од понеделник ќе располагаат со средствата, преку банкоматите и во трговската мрежа.

Готовинската исплата на паричната помош, за клиентите на банките коишто не поседуваат дебитни картички ќе се спроведе во согласност со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето:

– во понеделник, 4 мај – А, Б, В, Г, Д;

– во вторник, 5 мај – Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К,Л;

– во среда, 6 мај – Љ, М, Н, Њ, О, П; Р;

– во четврток, 7 мај – С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Постигнатите резултати со готовинските исплати по групи во изминатите неколку недели потврдуваат дека со ваквиот системски пристап ќе се намали физичкото присуство во филијалите и експозитурите и ќе се овозможи поголема заштита на здравјето на сите корисници на банкарски услуги. Заради заштита на јавното здравје, ги замолуваме клиентите на банките коишто се корисници на парична помош од социјална и детска заштита, а не поседуваат дебитна картичка, да се придржуваат до утврдениот распоред.

При посета на филијалите и експозитурите заради подигнување готовина од исплатената парична помош од социјална и детска заштита, сите банки, на своите клиенти-корисници на парична помош ќе им понудат веднаш да поднесат барање за изработка на дебитна картичка. Сите банки ќе обезбедат овие картички да им ги предадат на своите клиенти пред следната исплата на парична помош од социјална и детска заштита, со што ќе се овозможи физичкото присуство во експозитурите и филијалите да биде уште помало, а секој корисник да има лесен, брз и едноставен пристап до своите средства во секое време. Со дебитната картичка, секој корисник на парични права од социјална и детска заштита ќе добие и упатство за нејзино користење.

Апелираме при посетата на филијалите и експозитурите да се почитуваат насоките за одржување меѓусебно растојание од најмалку 2 метри пред и во објектите на банките и задолжително да се носи лична заштитна опрема за носот и устата (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, марама или шал, бандана и слично).

niksa

About niksa