Комерцијална банка прогласена за Банка на годината во 2020 година од магазинот „The Banker“

Комерцијална банка АД Скопје со гордост објавува дека е прогласена за „Банка на годината во 2020 година“ во Република Северна Македонија од страна на престижниот финансиски магазин „The Banker“. Освен како високо признание за постигнатите резултати во работењето, значењето на наградата е уште поголемо бидејќи таа е признание и за лидерството што го покажа Банката во оваа година во која земјава, како и целиот свет, со соочува со пандемија од досега невидени размери.

На свеченото прогласување на победниците, што се одржа вчера вечер (02.12.2020 година) во Лондон преку интернет презентација заради вонредните услови наметнати од вирусот Covid-19, свое обраќање имаше д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Во своето обраќање д-р Стевкова Штериева се заблагодари во името на тимот на Комерцијална банка за доделувањето на оваа престижна награда.

„Оваа година беше и сè уште е многу тешка заради условите наметнати од вирусот Covid-19. Ние ги вложуваме сите напори за да одржиме континуитет во нашите активности и да ги обезбедиме сите банкарски услуги за нашите клиенти на начин кој обезбедува и заштита на здравјето. Ќе продолжиме да работиме на истиот начин и во иднина“, порача д-р Стевкова Штериева.

Комерцијална банка ја добива наградата „Банка на годината“ од „The Banker“ по 8-ми пат. За оваа награда, која се смета за „стандард за банкарска извонредност“, магазинот The Banker (издание на Financial Times), разгледува широк спектар на критериуми. Наградата се доделува на банките кои покажале успешни финансиски резултати, успех во целокупната деловна стратегија со која оствариле конкурентска предност, унапредување и развој на технологијата и на производите и услугите, како и соодветен одговор на кризата наметната од Covid-19.

Магазинот „The Banker“ ја смета 2020 за година во која, повеќе од кога било досега, банкарскиот сектор се соочува со невидени предзвици . Членовите на жирито при изборот на најдобрите банки особено внимание посветиле на тоа кои банки беа лидери во излегувањето во пресрет на потребите на клиентите и на одржувањето флексибилност во услови на пандемија.

Остварените резултати секоја година ја рангираат Комерцијална банка во самиот врв на македонскиот банкарски сектор. Банката ја гради својата лидерска позиција преку професионално, стручно и одговорно работење, континуирана финансиска поддршка за раст и развој на компаниите, и понуда на иновативни производи и услуги креирани согласно потребите на клиентите. Инвестициите во технолошката инфраструктура на Банката го доведоа дигиталниот свет на банкарски услуги поблиску до граѓаните и компаниите. А, помошта и поддршката што ја дава Комерцијална банка за општеството придонесоа за унапредување и подобрување на образовниот процес, здравствениот сектор, културата, уметноста. Наградата „Банка на годината“ е доказ дека се движиме во вистинската насока.

niksa

About niksa