Штериева за МИА: Банките се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки
Банките се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки имајќи предвид дека драстичното и брзо зголемување може да влијае на способноста на кредитокорисниците за сервисирање на обврските, вели во интервју за МИА претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева.
Во интервјуто, кое подолу е објавено во целост, претседателката на МБА порачува секој кредитокорисник или депонент на средства во банка да посвети внимание на одредбите во договорот со цел да се избегнат недоразбирања или непотребна паника околу каматните стапки.
– Фиксните каматни стапки по дефиниција не се менуваат за периодот додека се фиксни и во тој случај нема потреба од вознемиреност. Но, многу е важно да се посвети внимание и да се видат одредбите во договорите, нагласува Стевкова-Штериева.
Во интервјуто, таа открива и дали е можно зголемување на каматните стапки, а појаснува и што ќе значи за банките најновата мерка што ја донесе Народната банка за дополнително јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.
Банкарскиот систем, потенцира Стевкова-Штериева, е стабилен и добро капитализиран, а капиталот и резервите се покажаа како доволни за банките да се справат со досегашните предизвици. Повеќето од банките работат профитабилно со солиден раст на профитот остварен во првото полигодие од годинава.
Народната банка на неколкупати досега ја зголеми основната каматна стапка која сега е на висина од 1,25 процентни поени. Колку тоа се одрази врз каматните стапки на кредитите?
– Согласно податоците објавени од страна на Народната банка со состојба од 30.6.2022 година, на годишна основа просечните каматни стапки на кредитите и депозитите на ниво на банкарски сектор бележат мал надолен тренд. Во јуни, просечната каматна стапка на вкупните кредити забележала минимален месечен пад од 0,01 процентни поени, а просечната каматна стапка на вкупните депозити се задржа на нивото од претходниот месец. Реакцијата на банкарските каматни стапки никогаш не била вака бавна и претпазлива. Јасно е дека во услови на инфлација мора да има зголемување на каматните стапки и дека сигналот на Народната банка е реакција на макроекономските и монетарните состојби во земјата. Сепак, банките се претпазливи имајќи предвид дека драстичното и брзо зголемување на каматните стапки може да влијае на способноста на кредитокорисниците за сервисирање на обврските, при што тоа посебно се однесува на населението.
Може ли да се очекува зголемување на каматните стапки за граѓаните и за стопанството?
– Неспорно е дека сигналот испратен за зголемување на каматните стапки преку континуираното зголемување на каматната стапка од страна на НБРСМ, ќе доведе до понатамошно зголемување на каматните стапки на депозитните и кредитните производи на банките. Сепак, мора да се истакне дека висината на промената, тајмингот и банкарските производи што ќе бидат опфатени се дел од деловната политика на секоја банка и поради тоа најдобро е да се следат објавите на банките поединечно.
Исто така, битно е да се напомене уште една важна информација која се однесува на каматните стапки. Во изминатите години се посвети поголемо внимание на информираноста на клиентите на банките, особено на населението, во делот на транспарентност на каматните стапки, нивните промени, како и се поголемата застапеност на фиксни каматни стапки. Во таа смисла во услови на раст на каматните стапки препорачливо е секој кредитокорисник или депонент на средства во банките да обрне внимание на одредбите од договорите коишто ги има со банката со која работи, со цел да се избегнат недоразбирања или непотребна паника околу каматните стапки. Фиксните каматни стапки по дефиниција не се менуваат за периодот додека се фиксни и во тој случај нема потреба од вонемиреност. Но, многу е важно да се обрне внимание и да се видат одредбите во договорите.
Народната банка донесе одлука за дополнително јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Имено, од 1 август 2023 година. Колку една ваква мерка е неопходна во актуелниве околности? Останува ли стабилен банкарскиот сектор и има ли капацитет да одговори на потребите на граѓаните и на стопанството?
– Сеуште присутната опасност од Ковид 19, последиците од војната во Украина и растечката стапка на инфлација предизвикуваат голема неизвесност за економскиот раст, како и за проекциите за наредните 12-18 месеци. Трошоците на живот се зголемуваат не само во Македонија, туку и низ цела Европска Унија како главен трговски партнер на нашата земја, што впрочем произлегува од растот на цените на енергенсите, храната, но и од сеуште нарушените ланци на снабдување.
Од позиција на Македонска банкарска асоцијација не би ја коментирале директно неоходноста на мерката донесена од страна на Народната банка имајќи предвид дека НБРСМ располага со бројни податоци коишто и служат за носење на соодветни одлуки. Можеме само да потенцираме дека банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран и дека капиталот и резервите се покажале како доволни за банките да се справат со досегашните предизвици. Нагласуваме досегашните предизвици, бидејќи јасно е дека во ова ново непредвидливо окружување неизбежно ќе бидеме исправени пред бројни и хетерогени предизвици во периодот што е пред нас.
Несомнено одлуката за воведување на противцикличен заштитен слој се базира на соодветни параметри за утврдување на потребата од оваа заштита и сигурно тоа било земено во предвид од страна на Народната банка при носењето на оваа одлука. Овој тренд на воведување на противцикличен заштитен слој со којшто се бара повисока адекватност на капиталот на банките е на линија на мерките кои се воведуваат во поголем број земји во Европската Унија во наредниот период, а во некои земји е веќе и имплементирана споменатата мерка.
Што оваа мерка ќе значи за банките и штедилниците?
– Имајќи ги предвид сите претходно наведени фактори кои влијаат на работењето на стопанството и животниот стандард на населелението, како и се поприсутната инфлаторна спирала очигледно е дека е потребно внимателно да се преземаат мерки и активности од страна на сите чинители и да се смета на сите моментално присутни ризици, но и на ризици коишто може да се креираат со одредени нови мерки. Оттаму, секако е за разбирање загриженоста на централната банка за иднината и стабилноста на банкарскиот систем, економскиот раст и способноста на клиентите на банките да ги сервисираат своите обврски. Факт е дека за да може кредитно да се поддржи населението и стопанството мора да имаме здрав банкарски систем, а најдобра одбрана за тоа е одржување на солидна капитална база на секоја индивидуална банка. Притоа мора да се има во предвид дека растот на капиталната база на една банка е директно зависен од два фактори – профитабилноста на банките и распределбата на тој профит, како и подготвеноста на акционерите на банките директно да вршат докапитализација преку нови вложувања на нивни средства во капиталот на банките. Иако поконзервативната распределба на остварениот банкарски профит може да изгледа како полесно излезно решение за зајакнување на капиталната адекватност (наместо да се исплати дивиденда ќе се зголемуваат резервите на банките), сепак мора да се има предвид дека тоа е директна дестимулација на акционерите во банките да поседуваат акции во овој сектор во споредба со други сектори како инвестициска можност каде исплатата на дивидендите не зависи од вакви фактори.
Исто така, треба да се нагласи дека алтернатива на овие полуги со коишто се влијае на зголемувањето на капиталот се одлуките на банките, односно нивните надзорни одбори во кои доминираат претставници на акционерите, за забавување на кредитните активности, како и сите други активности што генерираат повисок ризик и насочување кон нискоризични активности што не влијаат на намалување на капиталната адекватност.
Во случајот на македонските банки врз основа на јавно достапните податоци може да се заклучи дека повеќето од банките работат профитабилно со солиден раст на профитот остварен во првото полугодие од 2022. Иако и досега вообичаена практика на банките во Македонија беше дел од профитот да го распределуваат во резерви, со најновата мерка за противцикличен заштитен слој може да се очекува оваа практика да продолжи, а зависно од индивидуалните пресметки кај секоја банка тоа може да биде и како поголем процент од добивката. Со други зборови некои банки можат да се одлучат за зголемувањето на капиталот преку распределба на дел од профитот во резерви наместо исплата на дивиденда. Веруваме дека токму и поради тоа Народната банка ја објавува оваа своја одлука во време кога банките започнуваат да ги изработуваат плановите за 2023 година, сметајќи на потребата за навремено планирање на распределбата на профитот од 2022 година и можноста за зголемување на резервите.
Интервјуто е превземено од МИА
Билјана Анастасова-Костиќ
фото: Дарко Попов