Одржана работилница на тема „Неуредна презентација во акредитивното работење“ во организација на Комисијата за документарно работење
На 7 ноември 2025 година се реализира работилница на тема „Неуредна презентација (во акредитивното работење)“, организирана од Комисијата за документарно работење (КДР) при МБА, во хибриден формат. На настанот учествуваа околу 30 учесници, од кои 11 беа физички присутни во просториите на МБА, а останатите се приклучија online. И овојпат на настанот учествуваа и претставници од Народната банка на Република Северна Македонија.
Работилницата започна со анализа на тековната домицилна законска регулатива поврзана со акредитивното работење, при што беа истакнати клучните аспекти и предизвици со кои се соочуваат практичарите. Понатаму, беше укажано на потребата од ажурирање на меѓународните узанси, со цел нивно усогласување со современите текови во меѓународната трговија.
Во продолжение, учесниците имаа можност да се запознаат со конкретни случаи од практиката, преку кои заеднички се анализираа различни ситуации на неуредна презентација. Ова претставуваше одлична прилика за размена на искуства меѓу практичарите, како и за правење дистинкција во постапувањето кога во акредитивите се вклучени комерцијални субјекти наспроти сервисирањето на државните органи и институции.

Особено внимание беше посветено на идентификување на потенцијални ризици и начини за нивно избегнување, со што се придонесе кон подигнување на свеста и професионалната подготвеност на учесниците. Во таа смисла, наскоро ќе биде изработен и еден едукативен документ во кој ќе бидат вклучени ситуациите за кои беше дебатирано на работилницата.
Работилницата на Комисијата за документарно работење, 12-та по ред во изминатите три години, беше заокружена на задоволство на учесниците. Тие во неформалниот дел по завршувањето на дискусијата ја оценија како исклучително корисна и применлива во нивната секојдневна работа.




