Матеја Талеска и Дино Дановиц се победници на националниот натпревар – ќе ја претставуваат нашата земја на финалето на Европскиот квиз на пари
Матеја Талеска е член на победничкиот тим кој ќе ја претставува нашата земја на европското финале на овогодишниот Европски квиз на пари.
Таа е родена на 28.1.2007 година во Скопје. Во текот на своето образование има освоено бројни награди на натпревари од областа на науката и уметноста, и тоа: прво место на државниот натпревар по географија, две втори награди на натпревари по биологија и прво место на литературниот конкурс распишан од МОН по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески – „Поезијата на Блаже Конески – наша ненасушна инспирација“.
Матеја пишува одамна и примател е на стипендија којашто ја дава Министерството за образование и наука за талентирани деца. Има учествувано на конкурс за необјавена поетска книга распишан од „Антево перо“, во којшто нејзината стихозбирка „Сонот на лавовските срца“ се најде меѓу петте коишто имаа можност да ја освојат наградата „Антев часовник“, за млади писатели. Стихозбирката се’ уште не е објавена и се чека можност да биде објавена. Околу активностите вон настава, има земено учество во е-твининг проектите ,,Let the Earth breathe“ и „Etwinkling stars: Shining togetheter“ во соработка со Еразмус.
Дино Дановиц е другиот член на победничкиот тим. Тој има 14 години и е ученик во прва година во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ – Скопје. Роден е на 20.05.2007 година во Загреб, Хрватска, каде го поминал своето детство, меѓутоа секое лето доаѓал во Скопје. Учел во Загреб до шесто одделение, а од седмото одделение го продолжува своето образование во Македонија, каде се преселува со својата мајка, која е родена во Скопје.
Дино тренира кошарка од четврто одделение и вели дека кошарката е неговата страст. Сака да биде професионален кошаркар. Од мал знае многу за штедењето, банките и осигурувањето, работи кои ги научил од неговата мајка, која работела во осигурителна компанија. Честопати присуствувал на разни настани организирани од нејзината компанија.