Комисија за ликвидност

Во насока на промоција и презентација на Македонската банкарска асоцијација (МБА) пред јавноста, во следните месеци ќе ги презентираме комисиите кои како постојани работни тела функционираат во рамките на МБА и нивните челници

Претседавач на Комисијата за ликвидност е Антигона Буклеска – Младеновиќ, директор на Секторот за ликвидност и финансиски пазар во Комерцијална банка АД Скопје а заменик-претседавач е Емил Јакимов, директор на Дирекција за управување со средства, ликвидност и тргување во Халк банка АД Скопје.

Комисијата за ликвидност претставува постојано работно тело кое делува во рамки на Македонската банкарска асоцијација и е формирана од самото нејзино основање, а фунционирала во сличен облик и во претходната форма на организација за заштита на интересите на банките и банкарскиот сектор – Здружението на банкарство при Стопанската комора.

Комисијата како примарна цел има делување во насока на ефикасно и квалитетно остварување, унапредување и заштита на интересите на членовите на Македонската банкарска асоцијација во доменот на управување со средствата и ликвидноста, тргувањето со финансиски инструменти и на меѓународното банкарство.

Во своето работење Комисијата за ликвидност формира и посебни работни групи, како Работната група за унапредување на тргувањето на девизен пазар, а во ист правец ќе се продолжи и во иднина, се со цел вклучување на што поголем број на искусни професионалци при изнаоѓање соодветни решенија.

Секојдневните професионални предизвици на Антигона Буклеска – Младеновиќ, претседавачот на Комисијата, подразбираат успешно детектирање, пронаоѓање соодветни решенија и развој на нови и современи концепти кои даваат одговори на актуелните прашања од областа на финансиските пазари и ликвидноста.

Како посветен професионалец со повеќе од 25-годишно работно искуство, од кои повеќе од 20 години во областа на финансиите и банкарството, Буклеска – Младеновиќ била на одговорни и раководни позиции повеќе од 15 години.  Најголем дел од кариерата е во Комерцијална банка, а во периодот 2011-2018 година била Претседател и неизвршен член на Одборот на директори на Централниот депозитар на хартии од вредност АД Скопје. Поседува и Сертификат за работа со хартии од вредност од Комисијата за хартии од вредност и е овластен инвестициски советник.

Со своето сестрано и професионално искуство од почетокот на 2023 година во услога на Претседавач активно придонесува и во работата на Комисијата за ликвидност при МБА, имајќи предвид дека финансиските пазари и ликвидноста на банките и на целокупниот финансиски систем претставуваат сегмент од највисока важност за фукционирањето и опстојувањето на  современиот економски систем.

Емил Јакимов, директор на Дирекција за управување со средства, ликвидност и тргување во Халк банка АД Скопје е целосно професионално посветен и фокусиран да даде свој оптимален придонес во однос на сите предизвици во доменот на управувањето со средствата, ликвидноста и тргувањето со финаниски инструменти на банките.

Во своето тридецениско банкарско искуство, извршувал повеќе значајни функции во областа,  како претседател на АЦИ Македонија- Здружение на финансиски пазари од 2009 до 2018 година, председавач на Комисијата за ликвидност при МБА од оснивањето на асоцијацијата до крајот на 2022 година.

Тој истакнува дека во неговото долгогодишно професионално искуство и  активно партиципирање во комисијата, како и во други стручни финансиски здруженија и тела,  секогаш безрезервно се заложувал целосно да ги почитува следните критериуми како примарен предуслов за  успех, подршка и прогресивен развој: посветеност и фокусираност, тимски амбиент, стручна креативност, искуствен и конструктивен приод,  транспарентна комуникација и координација во континуитет и следење на модерните трендови.

niksa

About niksa