Едукативен настан на тема ESCROW работење, реализиран во Комисијата за документарно работење од Правната комисија на МБА
На 19 септември 2025 година се одржа уште еден едукативен настан во организација на Комисијата за документарно работење (КДР), овојпат во соработка со Правната комисија при Македонската Банкарска Асоцијација (МБА). Настанот беше посветен на темата ESCROW работење, а презентацијата ја одржа г-а Теодора Гушкова Проданова, Директор на Сектор за правни работи во Комерцијална банка АД Скопје.
Презентацијата предизвика интерес кај триесетина професионалци од областа на правото, платните системи, сметководствената логистика, кредитната администрација и документарното работење. Половина од нив присуствуваа физички во просториите на МБА, меѓу кои и претставници од Народната банка на Република Северна Македонија, додека останатите се вклучија на настанот виртуелно.

Имајќи предвид дека ESCROW услугата се наоѓа на списокот на услуги на повеќето банки, но сè уште ретко има поширока примена во финансиските институции, презентацијата поттикна динамична дискусија проследена со бројни прашања од присутните во МБА, но и од онлајн публиката. Со ова се потврди вистинскиот избор на темата за речиси двочасовната дебата.
Претседавачот на КДР, г-дин Андреј Ефтимов, го затвори настанот со најава за нови специјалистички работилници и презентации што ќе следат до крајот на оваа и во текот на следната година.