Одржана деветнаесетата седница на Собранието на Македонска банкарска асоцијација

На 13 мај 2020 година по електронски пат се одржа деветнаесетата седница на Собранието на Македонска банкарска асоцијација на која се разгледуваше Законот за отпис на камати и репрограмирање на долговите и трошоците на физичките лица донесен на 5-ти февруари 2020 година со кој се предвидува можност за отпишување на пресметани камати и репрограмирање на главниот долг и трошоците кои произлегуваат од старите извршни судски предмети пренесени кај нотарите и извршителите согласно Законот за извршување заклучно со 31 декември 2011 година.

Собранието на Македонската банкарска асоцијација ги разгледа заклучоците на Правната комисија која дејствува во рамките на Асоцијацијата и констатира дека со отписот на камати и репрограмирање на долговите и трошоците мал број на должници – физички лица кои не ги исполнуваат нивните обврски би се ставиле во поповолна положба во однос на огромен број на корисници на кредити – физички лица кои редовно ги исполнуваат своите обврски. Секоја банка и штедилница има свои политики и процедури за соодветен пристап кон сите должници, со точно дефинирани права и обврски на двете договорни страни.

Согласно наведеното, Собранието на Македонска банкарска асоцијација донесе одлука за неприфаќање на отписот на камати по Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица.

Со оваа одлука се штитат не само интересите и депозитите на оние кои ги довериле своите заштеди на банките и штедилниците, туку и акционерите и нивниот капитал со што се обезбедува ликвиден и солвентен банкарски систем кој е неопходен за раст и развој на целокупната економија.

niksa

About niksa