Вебинар – Улога на приватниот и финансискиот сектор во одржливиот развој, финансирање на развој и зелената трансформација
На 17.11.2022 година се одржа вебинар на тема Улога на приватниот и финансискиот сектор во одржливиот развој, финансирање на развој и зелената трансформација, во организација на Секретаријатот на Регионалниот совет за соработка (RCC), Стопанската комора на Црна Гора и Здружението на банки на Црна Гора.
Целта на состанокот беше воспоставување на дискусија помеѓу претставниците на приватниот и банкарскиот сектор од Југоисточна Европа за можностите за регионална соработка и нивните улоги во постигнувањето на целите на Стратегијата на Југоисточна Европа 2030 и целите на ОН за одржлив развој, особено оние поврзани со зелената трансформација на релевантните економии.

Претставник на Македонската банкарска асоцијација на вебинарот беше Билјана Хаџи-Велкова, директор на дирекција за кредитирање на индустрија во секторот за кредитирање на стопанство од Комерцијална банка АД Скопје. Хаџи-Велкова учествуваше во првиот панел, каде даде свој осврт на макроекономската состојба и банкарскиот систем во нашата држава, воспоставените ЕSG политики и производите кои ги нудат финансиските институции во насока на зелено финансирање и социјалната компонента, меѓу кои и кредитните линии на Развојната банка на Северна Македонија.


