Претседателката д-р Маја Стевкова Штериева учесник и говорник на настанот „Невидливи меѓу најранливите: Предизвици за возрасните жени во општеството“
Канцеларијата на UN Women во Скопје денес организираше настан посветен на подигнување на свеста за специфичните предизвици со кои се соочуваат возрасните жени во општеството. Настанот се фокусираше на нивната често занемарена улога, истакнувајќи ја потребата за поактивна поддршка на политичко, економско и социјално ниво со цел унапредување на нивната благосостојба.
Во рамките на втората сесија, како говорник се обрати претседателката на Македонската банкарска асоцијација, д-р Маја Стевкова Штериева. Сесијата опфати дискусии со учество на Нермина Факовиќ од Министерството за здравство, Бранкица Ристовска од Министерството за локална самоуправа и Ирена Поцкова, претседателка на невладината организација ГИЖ од Свети Николе.
Во своето обраќање, д-р Стевкова Штериева се осврна на клучни аспекти од родовата еднаквост, посебно нагласувајќи ја важноста на финансиската едукација како средство за економско зајакнување на жените. Таа потенцираше дека финансиската писменост е неопходен чекор за подобрување на квалитетот на живот на постарите жени и нивната интеграција во општеството.
Д-р Стевкова Штериева нагласи дека Македонската банкарска асоцијација останува целосно посветена и подготвена за соработка, со цел да ги поддржи возрасните жени во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат во општеството.