Одржана стручна расправа за дигитализацијата на транспортната документација

На 20 февруари 2026 година, во просториите на Македонската банкарска асоцијација, се одржа стручна расправа во организација на Комисијата за документарно работење (КДР), во соработка со Сојузот на стопански комори и претставници од секторот за транспорт и логистика.

Свои презентации подготвија Синиша Миланов, менаџер за развој на бизнис, и Јове Ангеловски, менаџер за царинско посредување (шпедиција) од компанијата Боми 10 Логистик Скопје. Беа презентирани актуелните практики и предизвици во работењето со транспортна и придружна документација. Темите поврзани со шпедицијата кои не беа опфатени за време на настанот, а за кои постои изразен интерес, ќе бидат дополнително разработени преку електронска комуникација.

На работилницата учествуваа околу триесетина претставници на членките на МБА, присутни физички и онлајн. Во текот на дискусијата беа поставени повеќе прашања поврзани со тековните процеси при работа со хартиена документација, како и со аспектите што се од значење за документарното работење во банките.

Во завршниот дел беа споделени согледувања и препораки за понатамошно осовременување, автоматизација и дигитализација на постапките. Особено внимание беше посветено на новиот национален проект за воведување е-транспортен документ согласно CMR конвенцијата.

Остварените контакти и размената на искуства претставуваат значајна основа за понатамошна соработка меѓу банкарскиот сектор и компаниите од областа на транспортот и логистиката. Ова е особено важно за практичарите во областа на trade finance услугите, со оглед на потребата од усогласување на деловните процеси со современите домашни и меѓународни трендови во превозот на стоки и шпедицијата.

niksa

About niksa