Одржана едукативна работилница на тема „Механизми за осигурување на трговијата“
Во рамките на Комисијата за документарно работење, а во соработка со Стопанската Комора на РСМ, преку ангажманот на г-ѓа Антонета Манова Ставреска, проектен менаџер во оваа институција, на 17.03.2026 се реализираше работилница на тема „Механизми за осигурување на трговијата”.
Работилницата беше водена од г-дин Митко Теохаров, осигурителен брокер и искусен професионалец во осигурателната дејност. Настанот се одржа во хибриден формат, со физичко присуство и со online вклучување што овозможи широко учество на претставници од членките на Комисијата.
Работилницата опфати повеќе тематски целини од кои најзначајни беа проверка на веродостојноста на осигурателните полиси, видовите на осигурателни документи, домашната регулатива и меѓународните практики и стандарди во дејноста, вклучително анализа на поединечни форми на Institute Cargo Clauses (ICC). Дополнително, на работилницата се разгледаа реални и актуелни ситуации кои влијаат врз транспортот и осигурувањето на стоки (воени дејствија, делување на Виша сила, ембарга и санкции, геополитички и логистички пречки).

Настанот се одвиваше интерактивно со отворена дискусија, преку коментари за примери од практиката и активно учество од присутните. Сето ова придонесува за унапредување на стручните знаења за вработените кои работат со документарни инструменти, подобро разбирање на ризиците при меѓународни трговски трансакции и јакнење на капацитетите за анализа на осигурителни документи поврзани со акредитиви, гаранции и инкаса.
Покрај размена на практичните искуства, едукативниот настан помогна за вмрежување на експертите од банкарството, осигурувањето и чинителите од стопанскиот живот во земјата, со цел реализација на нови заеднички проекти.





