Одржан првиот круг од националниот натпревар Европски квиз за пари за 2026 година
Денес, 16 март 2026 година, се одржа првиот круг од националниот натпревар Европски квиз за пари, на кој учествуваа околу 1300 пријавени ученици од основни и средни училишта од нашата држава.
Најдобар резултат во првиот круг постигнаа Софија Гудумановски и Теодор Јованов од СЕПУГС Васил Антевски-Дрен – Скопје, ментор Билјана Ниновска, Ива Велковска и Лана Стојевска од СЕПУГС Васил Антевски-Дрен – Скопје, ментор Билјана Ниновска, Дарија Боризовска и Сара Милковска од СЕПУГС Васил Антевски-Дрен – Скопје, ментор Билјана Ниновска, и Ања Васева и Евгенија Стојанова од СЕПУГС Васил Антевски-Дрен – Скопје, ментор Билјана Ниновска.
Најуспешните тимови од првиот круг ќе продолжат во вториот, финален круг, кој ќе се одржи на 19 март 2026 година во просториите на Македонската банкарска асоцијација. Победничкиот тим ќе ја претставува нашата земја на европското финале, што ќе се одржи на 19 мај во Брисел, Белгија.
Нашата држава по осми пат учествува на Европскиот квиз за пари – проект на Европската банкарска федерација наменет за финансиска едукација на ученици на возраст од 13 до 15 години. Во Северна Македонија, натпреварот го организира Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност.





