Одделението за едукација при МБА одржа дводневен семинар на тема ˝Bank Resolution and Recovery – SEE Perspective˝
На 1 и 2 октомври 2025 година се одржа првиот дводневен семинар организиран од Одделението за едукација при МБА, со финансиска помош од European Fund for Southeast Europe и Европска Унија, а во соработка со компанијата Op2M d.o.o. од Загреб, Хрватска.
Семинарот насловен ˝Bank Resolution and Recovery – SEE Perspective˝ обезбеди сеопфатен преглед на клучните принципи, алатки и стратегии во согласност со Директивата на ЕУ за решавање на банки и нејзината имплементација низ целиот регион на Југоисточна Европа. Дводневната програма опфати повеќе теми меѓу кои и законската и институционална рамка за решавање на банки, планирање за опоравување и мерки за рана интервенција, алатки и механизми за финансирање за резолуција, прекугранична соработка и предизвици карактеристични за регионот на ЈИЕ, и примери од неодамнешни случаи за решавање во Европа.
Семинарот беше воден од Стјепан Аниќ, регионално познат и високо почитуван експерт во областа на управување со ризици, моделирање на ризици и оптимизација на процесите засновани на ризик во финансиските институции.


По глобалната финансиска криза, потребата од робусни рамки за справување со банките што пропаѓаат без да се предизвикаат системски кризи стана камен-темелник на политиките за финансиска стабилност ширум светот.
Во нашата земја, Законот за решавање банки е донесен на 3.10.2023 година, согласно Европската директива 2014/59/ЕУ за формирање рамка за закрепнување и решавање на кредитни институции, со примена предвидена од 13.10.2025 година (24 месеци од денот на влегување во сила). На 10.9.2025 година, Собранието донесе изменување на Законот, со што примената е одложена и ќе започне од 30.6.2026 година. Во меѓувреме, Народната банка донесе подзаконска регулатива од областа на решавањето банки, која се однесува на:
- Подготвителните активности за решавање – планови за решавање банки и МРЕЛ (минимална стапка на сопствени средства и дозволени обврски);
- Инструментите за решавање;
- Фондот за решавање банки;
- Вреднувањето и теренската контрола.
Имајќи го ова предвид, овој семинар претставуваше можност за размена на знаење, искуства и најдобри практики од областа на решавањето и опоравувањето на банки, како и добивање на значајни знаења и практични увиди кои ќе ја зајакнат експертизата на сите учесници и ќе придонесат кон понатамошно унапредување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем во нашата земја и регионот.