Комисија за заштита на лични податоци

Во насока на промоција и презентација на Македонската банкарска асоцијација (МБА) пред јавноста, во следните месеци ќе ги презентираме комисиите кои како постојани работни тела функционираат во рамките на МБА и нивните челници

КОМИСИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

Претседавач на Комисијата е Бојан Богевски, Советник за корпоративно управување и Офицер за заштита на лични податоци во СТОПАНСКА БАНКА АД Скопје, а заменик-претседавач е м-р Марија Петрушевска, Офицер за заштита на лични податоци во ТТК БАНКА АД Скопје.

Со влегувањето во сила на новиот Закон за заштита на личните податоци во февруари 2020 година, се воведоа високи стандарди за заштита на личните податоци заради усогласување со законодавството на ЕУ. Македонската банкарска асоцијација ја  препозна важноста од формирање на Комисијата за заштита на личните податоци која активно ќе делува во областа на личните податоци во банкарскиот и финансискиот сектор. Комисијата беше формирана на 30-ти јули 2021 година како постојано работно тело во рамки на Македонската банкарска асоцијација и во неа учествуваат претставници на сите членови на асоцијацијата (сите македонски банки, штедилници, Клириншката куќа КИБС АД Скопје и Македонско кредитно биро АД Скопје).

Комисијата активно работи и придонесува кон решавање на отворени прашања од оваа област, споделување на искуства помеѓу членовите и претставува корисна платформа за поддршка на сите членови во процесот на правилна имплементација на законодавството за заштита на личните податоци во финансискиот сектор. 

Делокругот на Комисијата го сочинуваат активности, цели и задачи кои се состојат од следното:

  • поттикнување на правилна и унифицирана имплементација на законските и подзаконските правила за заштита на лични податоци и воспоставување на заеднички стандарди во оваа област,
  • разгледување на прашања релевантни за членовите на МБА, а кои се поврзани со усогласување, примена и почитување на законот и подзаконските акти од областа на ЗЛП,
  • усогласување на ставови по однос на правните прашања од доменот на ЗЛП,
  • унифицирано толкување и овозможување правилна и сеопфатна примена на регулативата за ЗЛП
  • заедничко и координирано делување во комуникацијата и соработката со Агенцијата за заштита на лични податоци како надзорен државен орган, и со други надлежни институции, како и подготовка на заеднички мислења на Комисијата поврзани со законски предлози и политики на надлежните институции,
  • иницирањe и остварување соработка по прашања од заеднички интерес со други здруженија, асоцијации и нивни членови, како и меѓународна соработка,
  • други активности во насока на остварување на интересите и целите на Комисијата.

Бојан Богевски е долгогодишен Советник за корпоративно управување во Кабинетот на Претседателот на Управен одбор и Одговорно лице за заштита на лични податоци во Стопанска банка АД  Скопје. Како носител на двојна функција, има активно учество во воспоставувањето на најдобрите практики и законодавството во областа на корпоративно управување како и во постојаното зајакнување на рамката за заштита на личните податоци и приватноста на податоците во Банката. Функцијата претседавач на Комисијата за заштита на лични податоци при МБА ја врши од нејзиното основање од јули 2021 година.

М-р Марија Петрушевска има повеќе од 12 години професионалната кариера во ТТК банка АД Скопје и разновидно банкарско искуство во повеќе сегменти. Била и член на Управниот одбор на Македонската асоцијација за човечки ресурси  во траење од еден мандат (2018-2021).

Во 2021 година  е  назначена за Офицер за заштита на лични податоци во банката и е еден од иницијаторите за формирање на Комисијата за заштита на лични податоци во рамки на МБА. Во изминатите две години е целосно посветена во оваа област која добива се поголема важност особено во банкарскиот сектор. Од формирањето Комисијата ја врши функцијата заменик претседавач. Добитник е на благодарница за особен придонес во работата на МБА.

niksa

About niksa