Комисија за финансиско реструктурирање на корпоративен долг
Во насока на промоција и презентација на Македонската банкарска асоцијација (МБА) пред јавноста, во следните месеци ќе ги презентираме комисиите кои како постојани работни тела функционираат во рамките на МБА и нивните челници.
КОМИСИЈА ЗА ФИНАНСИСКО РЕСТРУКТУРИРАЊЕ НА КОРПОРАТИВЕН ДОЛГ
Претседавач на Комисијата за финансиско реструктурирање на корпоративен долг е м-р Бојан Стојаноски, Генерален Директор за управување со ризици и член на Управен одбор на СТОПАНСКА БАНКА АД Скопје, а заменик-претседавач е Зоран Грнчаровски, Помошник член на Управата во НЛБ БАНКА АД Скопје.
Во фокусот на работата на Комисијата е дефинирање и следење на принципите за реструктурирање на финансискиот долг на правните субјекти со цел успешно решавање на настанатите потешкотии во отплата на обврските кај компаниите со значајна изложеност во финансискиот сектор и економијата во целина.
Економските кризи што ги одбележаа изминатите години, ги нарушија финансиските текови и ги намалија економските активности, а со тоа доведоа до контракција на глобалниот економски систем. Токму од овие причини реструктуирањето на корпоративниот долг се наметнува како една од најважните алатки за континуитет на работењето на компаниите во услови на намалена ликвидност и инсолвентност.
М-р Бојан Стојаноски од почетокот на 2020 година е член на Управниот одбор на Стопанска банка АД Скопје на функцијата Генерален директор за управување со ризици. На оваа одговорна позиција, доаѓа по 20 години богато искуство на финансискиот пазар како директор на повеќе значајни сектори во Халк Банка АД Скопје: секторот за кредитирање, секторот за финансиско управување и планирање, секторот за управување со лоши пласмани, секторот за управување со средства и ликвидност, како и секторот за маркетинг и продажба и како Втор генерален директор и член на Управниот одбор во КБ Пензиско друштво. Како врвен професионалец, покрај менаџерската улога во Банката активно е вклучен во работата на Македонската банкарска асоцијација во Комисијата за финансиско реструктурирање на корпоративен долг, како и во дополнителни проекти со кои се развива и афирмира дејноста управување со ризици како комплексна тема од големо значење за финансискиот сектор. Стојаноски е Магистер по економски науки во областа на финансискиот менаџмент.
Зоран Грнчаровски е Помошник член на Управата во НЛБ Банка АД Скопје, со повеќе од 18 години професионално искуство во банкарско работење. Првично во 2005 година започнува да работи во Банката, како бaнкарски комерцијалист за личен третман во делот на проектно финансирање во рамките на Секторот за корпоративни клиенти задолжен за продажба на банкарски продукти на корпоративни клиенти, советување на клиенти, подготовка на кредитна и финансиска анализа за инвестициски проекти. Од 2010 година е назначен за раководител на Службата за корпоративни клиенти кои работат во областа на транспорт, услуги и градежништво, а во 2013 година е промовиран на функцијата Директор на сектор за управување со проблематични пласмани и интензивен третман со цел зајакнување и подобрување на процесот на управување со порфолиото на проблематични пласмани на Банката во времето на финансиската криза. Учесник е на повеќе проекти во рамките на банката од различни области, учесник е на многу семинари, работилници од областа на банкарството, а исто така е иницијатор и на имплементацијата на добрите деловни практики и принципи при доброволно реструктурирање на корпоративен финансискиот долг, во рамките на Комисијата за финансиско реструктуирање на корпоративен долг при Македонската Банкарска Асоцијација.