Членките на МБА ги едуцираат граѓаните
Трета година по ред, банките и штедилниците во нашата земја, сега здружени во Македонската банкарска асоцијација ќе ги едуцираат граѓаните за време на Деновите на финансиската писменост, кои годинава ќе се одржат од 29 до 31 мај.
На иницијатива на Народната банка, годинава, Деновите на финансиска писменост се организираат во нов формат и ќе претставуваат отворени денови на финансиските институции од земјава за сите заинтересирани граѓани. Во филијалите или експозитурите на банките и штедилниците кои ќе бидат вклучени во овие активности ќе има посебни инфо-пултови на кои вработените ќе бидат подготвени да одговараат на сите прашања на заинтересираните граѓани. За првпат, вакви пултови, банките и штедилниците ќе имаат во повеќе градови низ земјава, со што ќе се обезбеди подобар опфат на популацијата.
Банките и штедилниците се очекува да организираат и кратки едукативни презентации за своите клиенти. Предвидено е презентациите да бидат посврзани со повеќе области од банкарското работење работење, како што се користењето на нивните услуги, спречувањето на презадолженост и современите начини на плаќање.
Експозитурите или филијалите на банките кои ќе бидат вклучени во Деновите на финансиската писменост ќе бидат обележени со постери од Координативното тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, со цел граѓаните да бидат информирани дека таму, конкретната банка има инфо-пулт.
Отворени за граѓаните ќе бидат и Клириншка куќа КИБС АД Скопје, Македонско кредитно биро АД Скопје и Македонска банкарска асоцијација.