Соопштение за јавност
На 03.03.2021 се одржа седница на Собранието на Македонската Банкарска Асоцијација (МБА), на која беше разгледана Одлуката на Советот на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците.
Покрај претставниците на сите членки на МБА, на седницата беа поканети и присуствуваа и гувернерката, д-р Анита Ангеловска Бежоска, вицегувернерите на Народната банка и и претставници на надлежните дирекции на Народната банка.
На седницата, низ широка и сеопфатна дискусија, беа разгледани актуелните состојби во банкарскиот систем, влијанието и предизвиците од КОВИД кризата, како и аргументацијата за донесувањето на Одлуката на Советот на Народната банка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците. Гувернерката Бежоска ги презентираше согледувањата и причините за носење на споменатата Одлука од страна на Советот на Народната банка.
Мерката на Народната банка беше оценета како превентивна, во функција на натамошно јакнење на потенцијалот на банките и штедилниците за справување со последиците од Ковид кризата, во услови на сеуште изразена неизвесност и потенцијални ризици.
Едногласно беше констатирано дека како резултат на здравите фундаменти на банкарскиот систем, политиките и мерките преземени од страна на Народната банка, како и прудентното управување и работење од страна на банките и штедилниците, банкарскиот сектор во досегашниот период успешно одговори на сите предизвици од КОВИД кризата и обезбеди континуитет на сигурно и стабилно работење, како и испорака на значајна кредитна поддршка спрема реалниот сектор и населението. Довербата на граѓаните и компаниите во банките и штедилниците останува на високо ниво, што се гледа и од растот на вкупните депозити, кои во јануари 2021, споредено со истиот месец минатата година, се зголемени за 6,3%.
Договорено е во наредниот период дополнително да се интензивира споделувањето податоци и информации од банките и штедилниците со Народната банка. Со тоа ќе се олесни навременото оценување на потенцијалните ефекти од КОВИД кризата што ќе овозможи и оцена дали има можност за предвремено укинување на временото ограничување за распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките и штедилниците, притоа водејќи се од целта за постојано одржување на финансиската стабилност, што е во интерес на сите субјекти во економијата, вклучително и акционерите во банките и штедилниците. На седницата уште еднаш се реафирмираше традиционално добрата комуникација и соработка помеѓу МБА и Народната банка, имајќи ја предвид заедничката цел за стабилен и сигурен банкарски сектор со потенцијал за справување со сите предизвици, како и потенцијал за силна кредитна поддршка на компаниите и населението во Република С. Македонија.
Истовремено, Македонската банкарска асоцијација апелира до политичките структури и сите други субјекти во земјава да се воздржат од какви било неиздржани и непроверени коментари, оценки и квалификации за состојбите во банкарскиот сектор, а особено да избегнуваат политички маркетинг на сметка на банките и штедилниците и интересите на сите нивни клиенти – граѓани и компании, како и на нивните акционери. На тој начин ќе дадат свој конструктивен придонес за одржување и унапредување на тоа што е јавно добро во секоја земја: довербата на граѓаните, компаниите и акционерите во банкарскиот систем и неговата стабилност и сигурност